„Имав корона пред првозаразениот во Кина, јас сум нултиот пациент“: Исповедта на овој Французин ја крена јавноста на нозе
Овој човек со својата исповед за француските медиуми, ја кренал целата светска јавност на нозе.
Амируш Хамар (43), за француските медиуми открил дека тој е потенцијалниот ‘нулти пациент’. Како што навел, тој се заразил уште во месец декември.
Тоа што е интересно е што овој човек никогаш претходно не патувал во Кина и тврди дека вирусот се појавил пред да се појави во Вухан.
Хамар одлучил да разговара со новинарите од телевизија „BFMTV“, откако една болница во Париз повторо ги тестирала брисевите кои што ги дал кон крајот на минатата година, кога мислел дека боледува од обичен грип.
Брисевите му биле земени на 27-ми декември, а кога ги повторил тестирањата, утврдено било дека е позитивен на Ковид-19.
Во разговор со новинарот, Хамар открил дека пател од ‘многу сериозни’ болки во градите, но докторите му дијагностицирале белодробна инфекција.
Иако експертите тврдат дека не треба да се брза со заклучоците на темел на неговиот пример, СЗО порачува дека не е необично случајот на зараза да се случил во месец декември.
Тие додале и дека возможно е да има уште вакви слични откритија, на рани заболувања од Ковид-19 во претходната година.
Нејасно е како и зошто
Нејасно е како Хамар се заразил, бидејќи не може да се дојде до некаква директна врска помеѓу него и човек од Кина каде што пандемијата беше на почетокот од своето ширење.
Една од претпоставките е дека Французинот со алжирско потекло се заразил преку својата сопруга која што работи во супермаркет покрај парискиот аеродром „Шарл де Гол“, а во кој влегуваат патници кои што слетале на аеродромот.
Освен тоа, докторите кои што го откриле случајот на Хамар, велат дека неговата сопруга работела и на пазар за риби со колеги од Кина.
„Сега настојуваме да дојдеме до заклучок дали таа била асимптоматски преносител на болеста“ – вели д-р Ив Коен од болницата каде што Хамар се лечел.
Хамар открил дека токму д-р Коен лично му се јавил пред неколку денови и му кажал дека “100 отсто бил позитивен на вирусот“.
Кон крајот на минатата година, Хамар имал висока телесна температура, сува кашлица и проблеми со дишните патишта, сите симптоми кои што се поврзуваат со Ковид-19. И тој самиот мислел дека станува збор за обичен грип, но сепак пошол во болница и добил маска за дишење.
„Во пет часот наутро појдов во болница и реков дека итно ми е потребен доктор да ме прегледа, бидејќи знаев дека нешто не е во ред. Имав силни болки во градите“ – изјавил Хамар.