Трамп: Со или без вакцина, се враќаме во нормала!
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се вложуваат напори за пронаоѓање на вакцина против коронавирусот до крајот на годината, но нагласи и дека САД ќе се врати во нормала со или без вакцината.
„Сакам да бидам јасен, тоа е многу важно. Со или без вакцина, ние се враќаме. И почнуваме со тоа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува „СиЕнЕн“.
Говорејќи во Белата куќа на настан на кој голем број членови на администрацијата носеа заштитни маски, но не и тој, Трамп изрази надеж дека вакцината ќе биде развиена пред крајот на оваа година.
Првиот човек на Соединетите Американски Држави изјави дека неговата администрација ќе мобилизира сили да се дистрибуира вакцината веднаш штом ќе биде развиена.
Инаку, според последните податоци, САД и натаму е најпогодена земја од пандемијата на коронавирусот. Ширум земјата се забележани речиси 1,5 милиони заразени, а како последица на Ковид-19 досега починаа нешто повеќе од 88 илјади луѓе.