ПОЛОВИНА ОД ГРАЃАНИТЕ НЕ ПЛАНИРААТ ДА ОДАТ НА ГОДИШЕН ОДМОР ОВА ЛЕТО

Половина од граѓаните не планираат да одат на годишен одмор ова лето, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 47,1 отсто од анкетираните граѓани велат дека не планираат да летуваат оваа година,
додека 33,7 отсто велат дека ќе одат на одмор.Од оние кои ќе летуваат, 32,9 отсто велат дека тоа ќе го сторат во Македонија, додека 28,8 проценти во
странство.

Најголем дел од граѓаните кои ќе летуваат или 9,6 отсто велат дека ќе одат во Охрид. Седум проценти планираат одмор во Грција, 4,2 во Албанија, по 2,3 во Турција и во Дојран а 2,1 отсто во Струга.Имајќи ја предвид кризата со корона вирусот 46,8 проценти од граѓаните велат дека оваа година нема да имаат пари за да одат на одмор, додека 34,9 отсто сметаат дека ќе најдат финансиски средства за летување.

Со оглед на проблемите кои ги предизвика вирусот, 16,1 отсто од граѓаните стравуваат дека оваа година воопшто нема да бидат во можност да го земат годишниот одмор, додека 28,5 отсто велат дека нема да имаат проблем со тоа.

Сепак, летувањето на граѓаните, според анкетата на Детектор многу ќе зависи од мерките кои ќе мора да се почитуваат. Па така, 60,8 отсто од граѓаните велат дека нема да одат на одмор ако се уште мора да се почитуваат мерките за социјална дистанца и носење маски, а за 21,4 отсто тоа нема да биде проблем за да летуваат. 78,6 отсто од граѓаните велат дека не би отишле на одмор ако по враќањето мораат да поминат самоизолација или карантин во Македонија, додека 11,6% велат дека ниту тоа не би ги спречило да летуваат.

Во однос на најавеното тестирање на границите, 65,7 отсто велат дека нема да одат на одмор ако мора да прават тестови пред поаѓање, додека 22,6 отсто се спремни и да се тестираат само за да летуваат. 52,1 отсто од граѓаните велат дека ова лето на годишен одмор на планираат да патуваат со автобус или авион, додека 26,4 отсто велат дека се подготвени за тоа.

Истражувањето на јавното мислење е спроведено телефонски од Институтот за политички истражувања Скопје во периодот од 13 до 14 мај годинава, врз репрезентативен примерок од 1108 испитаници, со маргина на грешка од плус-минус 3 отсто.

Translate »