Од 15 јули ваучери од 6.000 денари за домашен туризам

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше дека на последната седница на Владата, на предлог на Министерството за економија беше усвоена Уредбата со законска сила која предвидува издавање на ваучери за туризам на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба.

Како што информираше министерот, издавањето на ваучери за домашен туризам е мерка која беше најавена во Третиот пакет мерки на Владата за поддршка на економијата, кој беше објавен пред две недели, а главната цел на оваа мерка е поттикнување на домашната потрошувачка и поддршка на домашниот туристичко-угостителски сектор.

„Имајќи го предвид фактот дека токму туризмот е една од најпогодените гранки од корона кризата, убедени сме дека домашниот туризам останува најголемата надеж за поддршка на оваа индустрија. Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата. Ваучер ќе им биде доделен на сите вработени граѓани кои како што кажав немаат месечни приходи поголеми од 15.000 денари, односно според податоците од Управата за јавни приходи во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле приходи поголеми од 60.000 денари“, потенцираше министерот.

Постапката за добивање на ваучер предвидува откако УЈП ќе ги достави податоците за граѓаните кои ги исполнуваат условите за оваа мерка потоа на истите преку електронска пошта ќе им биде доставен ваучер со QR KOD во вредност од 6.000 денари и упатство за користење на истиот.

„На истите граѓани кои ќе добијат ваучер во вредност од 6.000 денари им следува и електронска платежна картичка во вредност од 3.000 денари која можат да ја користат во сите угостителски објекти за исхрана и во објектите каде ќе одмараат и во други угостителски објекти за исхрана, додаде Бектеши и кажа дека во исто време Министерството за економија ќе постави Платформа на која сите категоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата ќе ги презентираат своите капацитети за сместување, каде што граѓаните кои ќе добијат ваучери ќе може да изберат која од понудите ќе може да ја искористат односно ќе изберат каде ќе го поминат својот годишен одмор.

„Кога кажувам Категоризирани угостителски објекти мислам на сите објекти за сместување кои имаат Решение за категоризација вклучувајќи го и приватното сместување во нашата држава. Ја користам оваа прилика сите објекти кои не се категоризирани истото да го направат заклучно до 20 јуни за да истите можат потоа да аплицираат за користење на мерката и ќе може нивните понуди да ги прикачат на платформата со што граѓаните кои имаат ваучери да можат истите да ги искористат кај нив.

Подготовките за пуштање во употреба на оваа платформа на која туристичко-угостителските објекти ќе треба да се регистрираат се веќе се започнати, и истата ќе биде пуштена во употреба за две недели, односно на 15 јуни. Хотелиерите и угостителите потоа ќе имаат рок од 15 дена, односно до 30 јуни да ја постават својата понуда на платформата со што граѓаните кои што ќе добијат Ваучери ќе може да изберат каде ќе летуваат“, кажа министерот Бектеши и ги повика сите туристичко-угостителски капацитети кои не се категоризирани, да ги категоризираат своите објекти заклучно со 20 јуни за да можат да аплицираат и да ја прикачат својата понуда на платформата каде што граѓаните ќе може да ја видат понудата и да го искористат ваучерот кај нив.

Граѓаните ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети ќе можат да ги користат од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година.

„Во исто време сакам да информирам дека Министерството за економија заедно со Агенцијата за поддршка на туризмот во наредниот период ќе спроведе кампања ДОМА СИ Е ДОМА и PUSHIME NE VEND на која ќе ги промовираме туристичките потенцијали на Република Северна Македонија, но овој пат за нашите граѓани односно за домашните туристи“, кажа Бектеши.

Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени над 130.000 граѓани, а буџетот кој го има на располагање Министерството за економија за поддршка на туризмот е вкупно 10 милиони евра.

„Имајќи го предвид искуството од претходните години со поддршката на домашниот туризам, успеавме да го зголемиме бројот на домашни туристи во Република Северна Македонија во просек по 7% годишно, со оваа мерка, и со кампањата за домашен туризам очекуваме бројот на домашни туристи и ноќевања во нашите туристички центри оваа година да го зголемиме за 50% и со тоа да им помогнеме на нашите хотелиери да ги намалат загубите од оваа криза.. Потенцираме дека ова не е последна мерка за опоравување од корона кризата и во периодот кој следува заедно со приватниот сектор ќе продолжиме со нашата успешна соработка и ќе носиме нови мерки и програми за опоравување на последиците од оваа криза“, кажа Бектеши.

Translate »