Мицкоски до своите поранешни сопартијци: Ќе видите што ќе ви се случи
Опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска одржа протест во Велес, од каде партискиот претседател Христијан Мицкоски рече дека не прифаќа помирување и амнестија. Тој кажа дека „недолжни патриоти се држат во затвор„ затоа што сакале да си ја одбранат државата, а на членовите на ВМРО ДПМНЕ кои сега соработувале со СДСМ им порача дека ќе ги испрател во темната страна на историјата.
„Вие не враќате во времето на едноумието, кога луѓето не смеат да кажат нешто што вам и на вашиот афрички монарх аболицираниот политичар Зоран Заев нема да му се допадне и на неговите поданици ширум Македонија и тогаш луѓето ги собирате на информативен разговор. Па Ранковиќ вака не правел во 40-тите години на минатиот век“ рече Мицкоски.
Тој упати порака до своите поранешни сопартијци кои сега заедно со СДСМ го подготвувале Законот за амнестија.
„Да им порачам на нив и на вас од СДСМ нека ви е аирлија новата коалиција со тие луѓе. Нема да се нафајдите и нема да се изнарадувате многу. Ќе видите што ќе ви се случи на вас. Знам дека седат некаде во некоја канцеларија и подготвувате сценарија и закони со кои што дополнително ќе го нарушат достоинството на тие маченици. Но нема да им помине. Нема да им помине затоа што ќе дојде денот кога и вие заедно со нив ќе бидете разголени и разобличени пред судот на овој народ и ќе ве пратиме во темната страна на историјата. Од прв до последен. Поразени и презирани од родот свој од својот народ за тоа што и го направивте и на ВМРО-ДПМНЕ но и на Македонија што најмногу боли“ рече Мицкоски.