Автобусот се занесе, нешто ме удри во главата и почнавме да паѓаме еден врз друг
Јас седев назад, автобусот се занесе, нешто силно ме удри во главата и сите патници почнавме да паѓаме еден врз друг. Многу ми е жал за тројцата загинати, фала му на Бога што останавме живи. Брзата помош многу брзо дојде и мене ме префрлија во Ниш, па во болницата во Лесковац, изјави за МИА Ричард Малинковски од Прилеп, кој има повреди на главата и треба да се оперира во Македонија.
Тој е еден од 11-те патници од Прилеп кои ноќеска се качиле во автобусот од Битола за Виена, кој во 1 часот и 40 минути се преврте на автопатот кај Лесковац. Во тешката сообраќајна несреќа во која загинаа тројца македонски државјани – маж и две жени, како што потврди МНР, а 32-ца се повредени.
– Некои кажуваат дека возачот има заспиено. Но, јас тоа не го видов. Наеднаш се свртевме и потоа два пати паднавме и доживеав шок, по што не се сеќавам на ништо друго – изјави Малинковски.
Како што соопштија од српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма Еуробус, кој патувал на линијата од Струга за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.
Автобусот со македонски патници тргнал од Македонија синоќа околу 20 часот и во него имало патници од повеќе места во Македонија, а еден од повредените изјави за медиумите дека не се сеќава на несреќата, бидејќи сите спиеле во тој момент.
Еден маж и две жени – македонски државјани загинаа на лице место во несреќата.