Како ќе изгледа светот по пандемијата: можни сценарија!
Пет сценарија се можни за развој на светскиот поредок до 2030 година по пандемијата со корона вирус, смета американскиот стручњак за меѓународна политика Џозеф Нај.
Нај, некогашен декан на факултетот за политички науки на Харвард и висок советник и функционер задолжен за надворешна политика во администрациите на повеќе американки претседатели, во авторски текст за Project Syndicate , наведува дека не е можно да се каже како ќе изгледа иднината и да се извлече само една можност.
Затоа Нај, опиша пет можни сценарија како ќе се развиваат меѓународните сценарија по пандемијата од коронавирусот.
1. Крај на глобализацијата
Светскиот поредок кој настана по Втората светска војна под влијание на САД прерасна во свет на либерализирани и глобализирани пазари и финансии. Дури и пред пандемијата од коронавирусот, овој поредок е доведен во прашање со подемот на Кина и растот на популизмот на Западот.
Кина профитираше од глобализацијата и либерализацијата, но како што расте нејзината стратешка тежина сè повеќе се залага за воспоставување стандарди и правила. Америка се противи на тоа, меѓународните институции атрофираат и повиците за поголем суверенитет растат. САД остануваат надвор од Светската здравствена организација и Парискиот климатски договор. Пандемијата дава веројатност за ова сценарио затоа што слабее Америка како “систем на менаџер“ на светскиот поредок.
2. Предизвик на авторитаризмот како во текот на 30-тите години од минатиот век
Масовна невработеност, зголемена нееднаквост и нарушени општествени односи поради економските промени настанати поради пандемијата креираат околина погодна за развој и раст на авторитаризмот. Не постои отсуство на политичари кои со задоволство би го искористиле националистичкиот популизам за да стигнат до власт.
Нативизмот и протекционизмот се во пораст. Тарифите и квотите за стока и работна сила сè повеќе се воведуваат. Мигрантите и бегалците стануваат жртвени јагниња. Авторитарните држави се трудат да ги консолидираат регионалните сфери на влијание, со различни облици на интервенција, па расте и ризикот од насилни судири. Некои од овие трендови беа видливи и пред 2020 година, но слабите шанси за економско закрепнување со пандемијата, ја зголемуваат нивната веројатност.
3. Светска доминација на Кина
Бидејќи Кина имаше најдобар одговор на пандемијата, економските разлики меѓу неа и другите светски сили драматично се менуваат. Кина веќе кон средината на 2020 година ја надмина Америка на економски план и го проширува своето водство над земјите кои покажаа потенцијал да ѝ конкурираат.
Гласовите против Кина во меѓународните институции стануваат прескапи, затоа што ја загрозуваат кинеската помош или инвестиции, како и пристапот до најголемиот светски пазар. Бидејќи западните економии ослабеа, кинеската влада и големите компании се во можност да ги преобликуваат меѓународните институции и да поставуваат стандарди.
4. Насочување кон еколошка политика
Јавното мислење во многу земји станува сè посвесно за еколошките опасности и приоритет се става на климатските промени и прашањата за зачувување на природата. Некои влади и компании се реорганизираат за да ја ускладат работата на тоа поле. Дури и пред пандемијата можеше да се предвиди дека некои земји ќе се фокусираат на еколошки прашања. Укажувајќи на поврзаност на човечкиот вид и здравјето на планетата, пандемијата го забрза прифаќањето на ваквиот концепт.
5. Сè ќе биде исто
Во 2030 година, пандемијата со коронавирусот изгледа само како непријатен настан, слично како на луѓето во 30-тите години што им изгледала пандемијата од Шпанска треска од 1918 и 1920 година и со слични краткорочни геополитички ефекти. Претходната состојба продолжува.
Заедно со порастот на кинеската моќ, домашниот популизам и поларизацијата на западот, со повеќе авторитарни режими, постои извесен степен на економска глобализација и растечка свест за важноста на еколошка глобализација, со препознавање дека таквите проблеми ниедна држава не може сама да ги реши. Кина и Америка успеваат да излезат на крај со пандемијата и со климатските проблеми, иако во другите области се натпреваруваат. Некои меѓународни институции исчезнуваат, некои се обновуваат, а настануваат и нови. Соединетите Држави остануваат најголема сила, но со намалено влијание во однос на минатото.
Џозеф Нај нагласува дека првите четири сценарија имаат по 10% шанси да се случи, додека последното има помалку од 50%.
Тоа зависи од развојот на низа фактори во блиска иднина, од развојот на вакцина против корона вирусот, преку американските претседателски избори, состојбата во Европската Унија, но и економските, просветните или здравствените влијанија врз секојдневниот живот на граѓаните ширум планетата.