Еден близнак јадел само веганска храна, другиот консумирал месо – по 12 недели ги откриле разликите
Некои тврдат дека предностите на веганската исхрана се огромни, а други велат дека на организмот му е потребно месо. Идентичните близнаци Хуго и Рос Тарнер одлучиле да ги споредат ефектите кои ги има исхраната врз телото, така што еден од нив јадел месо, а другиот бил веган.
Еве какви се нивните резултати по 12 недели:
Хуго кој се придржувал до веганската исхрана, на крајот од експериментот изгубил 1 килограм масно ткиво, а добил 1,2 килограми мускули. Инаку, една студија покажала дека луѓето кои се придржуваат до веганската исхрана слабеат за околу 2 килограми повеќе од оние кои внесуваат месо за време на диетата.
Хуго вели и дека ваквата исхрана му помогнала да има повеќе енергија:
“Практикувајќи веганска исхрана, мојот ментален фокус беше подобар, немав падови на енергија и се чувствував малку поенергичен”.
Со мерењата било утврдено и дека се намалило нивото на неговиот холестерол (опаднало од 5,9 на 4,9 до крајот на студијата).
Експертите ја анализирале и столицата на близнаците и утврдиле дека Хуго имал повеќе добри бактерии во цревата, што значи дека има помали шанси за добивање хронична болест како дијабетес тип 2.
Од друга страна, Рос кој јадел месо во текот на експериментот, во период од 12 недели добил 2,8 килограми масти, но и 4 килограми мускули. Додека неговиот брат близнак вели дека бил полн со енергија, Рос забележал чести промени во нивото на енергија:
“Кај мене беше поинаку. Бев многу гладен помеѓу 10 и 11 часот, имав пораст и пад на енергијата. Носевме и монитори за глукоза, беше воочливо дека кај мене доаѓаше до промени “горе-долу” додека кај Хуго нивото беше постабилно”.
Кај Рос не била забележана промена во нивото на холестерол, но било забележано дека во цревата има помалку различни бактерии без значително зголемување на добрите бактерии.
Иако според овие податоци може да се каже дека веганската исхрана е поздрава, факт е дека двата вида исхрана имаат и добри и лоши страни.
“Веганската исхрана има добри страни, токму како и јадењето месо. Мислам дека ниту една исхрана не се истакна како подобра. Ние ќе консумираме и едно и друго, ќе имаме денови кога нема да јадеме месо и повеќе ќе јадеме веганска храна, но и денови кога ќе јадеме квалитетно месо. Ќе го земеме најдоброто од двата типа исхрана”, порачал Хуго.