ЕЗЕРОТО ШТО СЕ ФОРМИРАШЕ ПО ПАДОТ НА МЕТЕОРИТ ВО ИНДИЈА СТАНА РОЗОВО (ВИДЕО)

Езерото Лонар во државата Махараштра одеднаш ја смени бојата пред неколку дена, на изненадување на луѓето што живеат во областа, пренесува Танјуг.

Експертите веруваат дека причината може да биде зголемувањето на соленоста на водата, процентот на алги или комбинацијата на овие два фактори, како што се случи со Големото солено езеро во Јута или езерото Хилие во Австралија.

Гвајана Карат, локален геолог, рече дека тоа се случило порано, но дека не било толку изразено.

„Изгледа езерото е розово оваа година затоа што соленоста е зголемена“, рече тој, додавајќи дека количината на вода во езерото е намалена, соленоста е зголемена и тоа е причина за тие промени.

Карат спомена и дека научниците испитуваат присуство на црвени алги и дали тоа е причината за промена на бојата на водата.

Примероци се испратени до неколку лаборатории, рече тој, и „кога ќе се проучи ова, само тогаш ќе можеме да кажеме со сигурност зошто водата во езерото се претвори во црвена“.

Езерото, кое се наоѓа на околу 500 километри од Мумбаи, беше формирано откако метеорит падна на Земјата пред околу 50.000 години. Научниците ширум светот со години го истражуваат тоа, а со тек на време стана популарна туристичка атракција.

Translate »