Најлошата навика на човекот? Факти за пушењето цигари кои веројатно не сте ги знаеле
Историјата на пушењето датира од времето 5 илјади години пред новата ера, а забележано е во многу различни култури ширум светот.
Дека пушењето е штетно по здравјето знаат и малите деца, затоа што овој факт се всадува уште од мали нозе. Сепак, повеќето луѓе пушат и покрај тоа што знаат дека станува збор за исклучително лоша навика.
Како последица на пушењето цигари умираат дури 67% од долгогодишните пушачи.
Ова се некои од најинтересните факти за пушењето цигари.
Секоја цигара која ќе ја испушите ви го намалува очекуваниот животен век за 11 минути, додека пак една цигара содржи над 4 илјади хемикалии од кои околу 70 можат да предизвикаат карцином.
Околу 60% од пушачите сакаат целосно да ги остават цигарите, а во просек 15 милијарди цигари се пушат дневно ширум светот. Пушењето влијае и на нашиот нервен систем, па така поради намаленото снабдување на телото со кислород, се појавува немир и пад на концентрацијата. Нацистичкиот лидер Адолф Хитлер ја водел првата јавна кампања против пушењето цигари во модерната историја.
Првиот Европеец кој научил да пуши со домородците бил уапсен откако се вратил во својата земја и започнал да пуши затоа што луѓето мислеле дека е опседнат од ѓаволот.
Приближно една третина од возрасната популација во светот денес спаѓа во групата на пушачи.
Поради ова, доколку сте пушач сериозно размислете да ги послушате советите и да престанете да пушите, а во секој случај погрижете се со својата навика да не влијаете на луѓето кои не се пушачи, посебно децата. Доколку не пушите, воопшто немојте да почнувате. Што порано луѓето започнуваат да пушат, така повеќе и ризикуваат сериозни заболувања. Пушењето не е само бесмислен финансиски удар за вашиот џеб, туку и закана која може да ве чини живот, дури и ако не сте активен пушач.