КОРОНАВИРУСОТ ВО ПЕКИНГ „УВЕЗЕН“ ПРЕКУ ЛОСОС?

Кинеските медиуми пишуваат дека вирусот е откриен на најголемиот азиски пазар, Синфади, на табли кои се користат за сечење на увозен лосос.

Потеклото на новото жариште на коронавирус во Пекинг е непознато, изјавија денеска официјални претставници на Светската здравствена организација, опишувајќи го тврдењето дека тоа би можело да се должи на увозот или пакувањата со лосос.

Неколку делови од кинеската престолнина поставија безбедносни пунктови денес, ги затворија училиштата и побараа луѓето да бидат тестирани за вирусот, по неочекуваното зголемување на случаите поврзани со најголемиот пазар на големо во Азија, Синфади, објави Ројтерс.

Кинеските државни весници објавија дека вирусот е откриен на табли за сечење, користени за увезен лосос.

Извршниот директор на Светската здравствена организација Мајк Рајан на брифингот изјавил дека е воздржан во врска со тоа дека пакувањата со лосос треба да се тестираат.

Неговите коментари се во согласност со ставовите на експертите, кои порано изјавија дека самите риби не ја пренесуваат болеста и дека секоја друга врска со лососот може да биде резултат на взаемна контаминација.

Рајан изјавил дека СЗО внимателно го следи жариштето, што е загрижувачко затоа што се појави во голем град како Пекинг и дека е во близок контакт со кинеските власти.

„Како што видовме во многу земји, појавата на нови жаришта е секогаш загрижувачка“, истакнал Рајан.

Според него, она што СЗО сака да го види е тековниот одговор на властите и сеопфатен пакет мерки.

Translate »