Панчевски: Камерата ја ставив од семејни причини

Камерата ја поставив од семејни причини, поради болен родител, имам право да си го заштитам домот, вели судијата Владимир Панчевски, поранешен претседател на Крвичниот суд за Плусинфо.

Панчевски е осомничен од СЈО дека оддал службена тајна и дека ја злоупотребил службената положба.

Тој викендов објави видео снимка од неговата домашна камера од претресот на истражителите на СЈО во неговиот дом како доказ кон неговата пријава до МВР дека при претресот му бил украден клуч што предизвика реакции дека направил уште едно кривично дело со тоа што во јавноста оддал детали за тајната предистражна постапка на обвинителите.

– Очигледно е дека настапува тотален мрак во судството, па Панчевски ќе одговара за уште милион дела. Извршена е прислиба врз правосуден работник, без да ми бидат предочени кои се моите права, за што ќе поднесам кривична пријава против специјалната обвинителка Катица Јанева, против Ленче Ристоска и против гевгелискиот суд од каде што е издадена наредбата за претрес. Ако Јанева имала сомнежи за конспиративност, зошто барала претрес од друг суд, кога можела да побара наредба и од апелациското скопско подрачје. Очигледно во случајов не станува збор за сторени кривични дела од моја страна, јас сум чист и работев законски. Ниту сум го злоупотребил АКМИСОТ, ниту сум оддал службена тајна. Целта е да сее страв кај останатите мои колеги – вели Панчевски, кој реагира и на минатонеделниот претрес во канцеларијата на в.д. претседателот на Кривичниот суд, каде што бил затекнат кога влегле обвинителките и истражителите на СЈО.

– На мојата реакција дека ми следува бранител, Јанева дрско ми одговори „ти не си неука странка“ – се жали Панчевски кој вели дека не знае во кој случај на СЈО е осомничен дека оддал службена тајна. Тој тврди дека при претресот на неговиот дом му бил украден клучот од станот, а случајот веднаш го пријавил во полиција.

Специјалното обвинителство ги демантира сите наводи на Панчевски, вклучувајќи го и обвинувањето дека истражител на СЈО украл клуч од неговиот дом.

„Преземените дејствија во рамки на предистражната постапка за време на претресот во домот се документирани, се снимаат видео и аудио. Потоа, се составува записник за привремено одземени предмети кој го потпишува и лицето во чиј дом е извршен претресот“, велат од СЈО и најавуваат дека во текот на неделава ќе ѝ ги соопштат сознанијата на јавноста откако ќе биде извршена целосна анализа на материјалите.

В.д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев денеска одржа состанок со судиите и колеги на Панчевски од кој е најавено официјално известување за јавноста. Панчевски вели дека не можел да присуствува на состанокот и не знаеше да каже кој е поводот за тоа. Неофицијално се дознава дека неговите колеги побарале в.д. претседателот Рибарев да им ги објасни последните случувања во Кривичниот суд откако специјалната обвинителка Катица Јанева заедно со обвинителката Ленче Ристоска и извршители од СЈО минатата недела извршија претрес во канцеларијата и во домот на Панчевски во рамки на предистражна постапка.

Поранешниот претседател на судот, според СЈО, е осомничен за оддавање службена тајна и повреда на тајноста на постапките,  односно дека издавал податоци за други лица во јавноста или на други заинтересирани странки, службени податоци од АКМИС-системот поврзани со случаи на СЈО и за местење на судски предмети. Освен Панчевски, осомничени се и уште двајца вработени во судот.

 

 

Translate »