Филипче го разреши Зибери од директорското место во ЦЈЗ – Скопје поради објавата дека границите се отворени за иселениците да гласаат
Министерството за здравство предмалку информираше дека Арбен Зибери е разрешен од функцијата в.д. директор на Центарот за јавно здравје.
„Зибери е разрешен поради пласирање неточни изјави во јавноста, со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот“, стои во соопштението на министерството за здравство.
За нов в.д. директор на Центарот за јавно здравје е назначен доктор Александар Стојанов кој ќе ја преземе функцијата веднаш.
Да потсетиме, вчера министерот Венко Филипче најави разрешување на Зибери поради неговата „предизборна евтина реторика“. На социјалните мрежи Филипче вчера напиша.
„Директоре Зибери, тоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува“.
Зибери претходно се пофали дека помогнал да се отворат границите, за иселениците да гласаат за Албанец премиер со што предизвика бурни реакции во јавноста. Зибери крајно непрофесионално, преку својот профил на Фејсбук порача дека тој и ДУИ помогнале за да се отворат границите без да има тестови и 14-дневна изолација, за Албанците од странство да се вратат во државава и да гласаат за првиот премиер Албанец.