КОГА ЛУМПУВАТЕ СО СТОЛИЦИ У ВИС, ПОМИСЛЕТЕ НА 523 ИЗГУБЕНИ ЖИВОТИ – Јанкуловски од Центарот за јавно здравје
Граѓаните веќе го препознаваат како Космонаутко, бидејќи е облечен во скафандер и без речиси ниту еден слободен ден откако почна епидемијата со коронавирусот, секојдневно зема брисеви од граѓани кои имат симптоми и бараат тестирање.
Станува збор за Денис Јанкуловски, кој е вработен во Центарот за јавно здравје, денеска излезе со нов, многу сериозен и емотивен статус кој се однесува на граѓаните кои не ги почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19. И на самиот стаус е потпишан како Космонаутко. Го боли бројот на 200 новозаболени само денеска, но и на 523 изгубени животи досег од коронавирусот.
„200 новозаболени….боли. Секојдневно боли што има речиси ист или приближен број на заболени. Боли што не можеме да се разбереме, немаме комуникација, нема слушање, нема почитување на мерки.
Многу повеќе боли 523 починати. Тоа се 523 лица нечии роднини, нечии браќа и сестри, мајки, татковци баби и дедовци, пријатели, комшии, другари, нечии ортаци од патија шах во парк. 523 раскажувачи на приказни од минатото на своите внучиња. 523 родители на наши најдобри другари.
523 насмевки, прегратки, радости за родендени, свадби, крштевки.
523 Добро утро и Лека ноќ.
523 наши луѓе, сонародници, сожители, соседи.
Боли и еден загубен живот. А 523?!?! Сакате и со зборови?
ПЕТСТО ДВАЕСЕТ И ТРИ!!!!!!!!!!!!
А дали знаете дека тоа се 523 лица кои и не морале да заболат и починат? Но ете, ја имале таа несреќа да живеат во средина со многу мангупи, мангупи кои од почеток кријат за својата состојба а положиле Хипократова заклетва, мангупи на кои им е побитна свадбата отколку општото здравје, мангупи кои не сакаат да носат маска, не почитуваат дистанца, тие мангупи и непромисленици НЕ МОЖАТ без денска шема, одмор со крајно нехумано однесување, тие едноставно не можат без Viski i dzin to je sada in, за нив препораките од Министерството за здравство се гола вода затоа што се лага и превара освен веродостојните информации од edikojsibezvrska.poglupsajtdanemozedabide.com и кои ги прифаќаат толку лесно и безрезервно да не можеш да поверуваш.
Иако можевте многу порано сеуште не е доцна – покажете доблест, покажете малку човечност ако ја има во вас. Имајте милост кон хроничните болни, кон оние кои се ослабен организам и имунитет, можеби вие мислите дека немате такви во близина ама знајте дека и не се така далечни.
Ако веќе не се грижите за себе тогаш имајте милост кон останатите кои со ништо не згрешиле да се ваши жртви додека вие лумпувате со столици у вис.
Во ова време невреме децении наназад се зголемува бројот на луѓе кому овој и вакви вуриси и бактерии се потенцијален exitus letalis или СМРТ!!!!СМРТ….СМРТ….СМРТ….
Не знам како не ви значат овие бројки и како мислите на пример да заврши ова? Ќе дојде некој Хари Потер и ќе рече expecto patronum corona ciao? Дајте совземете се, чукнете се повеќе пати и размислете. Знаете дека и вие може да се заразите или еден на некој линк рече дека сте заштитени?
Сите имате некој близок кој е во ризична група, а како што гледате не се само старите лица. Речете си еднаш во овие 6 месеци, чекај бе, може имаат право. Па и нека е вештачки, нека е и направен во некоја лабораторија, нека е се масло на Бил или некој неБил. Што е тоа битно или пресудно? Ако знаете дека е направен во АРЕА 51 помирно ќе спиете? Еве ок, вештачки е?
И сега? Што? Ќе смениме нешто во концепцијата на однесување? Има различен settings за природен и вештачки? Полесно е ако е едно а не е друго? Не знам, затоа прашувам.
Уф, многу се нервирам што ќе го кажам ова после месеци и месеци ама еве ајде со надеж дека некому ќе светне сијаличката:
Корона вирусот е тука и присутен, каков и да е. Дали се со симптоми, лесни, благи или потешки, дали се асисмптоматски – позитивни се сакале да верувате или не. И до вас се, доволно е да погледнете малку подалеку од вашето раме.
А заклучно со денес 523 лица за жал тоа го осетија на своја кожа, неповратно. Бог да ги прости.
А вам не ви простувам за однесувањето, извинете вака. Па и да не ми извините, исто ви е, го завршува Јанкуловски својот статус.