„Комунална хигиена“ воведе нова услуга за подигнување кабаст отпад внатре од домот
Според новиот ценовник, подигнување и транспортирање на кабаст отпад внатре од домот чини 2.800 денари, изнесување од пред врата 2.000 денари, а изнесување на кабаст отпад без работници односно користење само на возилата на претпријатието чини 1.600 денари. (Фото: Комунална хигиена)
Скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ воведе нова услуга за подигнување кабаст отпад внатре од домот. Досега кабаст отпад екипите на „Комунална хигиена“ подигнуваа само од пред домовите, но велат дека поради барања на граѓани воведена е оваа услуга.
„Жителите на Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт со специјалните возила на претпријатието. Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Според новиот ценовник, подигнување и транспортирање на кабаст отпад внатре од домот чини 2.800 денари, изнесување од пред врата 2.000 денари, а изнесување на кабаст отпад без работници односно користење само на возилата на претпријатието чини 1.600 денари.
Бесплатно е депонирањето на кабаст отпад во пунктовите на претпријатието во Карпош 3 и Варариште, ако тие самите го донесат со свое возило.
„Апелираме до граѓаните да ги користат нашите услуги за одлагање на кабаст отпад, да не го фрлаат крај контејнерите и на разни други локации низ градот“, велат од „Комунална хигиена“.