Пановски: За да се стави крај на дивоградбите треба да се укине Законот за нивна легализација
За да се стави крај на дивоградбите во државата треба да се укине Законот на нивна легализација, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти, Мартин Пановски во интервју за Телма.
-Страшен проблем се дивоградбите при урбаното планирање, бидејќи вие сте планирале нешто, а некој си изградил нешто на своја рака и вие треба таа негова идеја да ја инкорпорирате како урбанисти. Со законот за легализација се врши амнестија на дивоградбите кои подлежат под Кривичен законик. Значи направено е дело кое вие го помилувате, вели тој.
Пановски вели дека Владата треба да почне со едукација на политичарите, бидејќи како што вели, има градоначалници што не разбираат што е тоа урбанистичко планирање.
Пановски предлага таму каде што дивоградбите се уриваат, локалната да ја подржи централната власт, а ако тие не се срушат, ингеренциите од локалната власт да ги превзеде Министерството за транспорт и врски.
Тој смета и дека е потребна дислокација на објектите од проектот „Скопје 2014“ и враќање во првобитен изглед на фасадите.