„Race for the Cure“: Дигитална трка за подигање на свеста за ракот на дојка

Пандемијата која го погоди светот во изминатиот период нѐ потсети колку ни е потребна поддршката од луѓето околу нас, особено во тешките моменти. Нашите планови и дневни ритуали драстично се променија, но и покрај тоа не заборавивме на оние кои оваа ситуација ги погоди најмногу. Затоа, и оваа година традиционално трчаме на „Race for the Cure“ со цел да ја подигнеме свеста за ракот на дојка. Овојпат трката е дигитална и ќе се одвива на нов и иновативен начин, целосно прилагоден на приликите предизвикани од пандемијата со ковид-19 и сигурен од аспект на заштита од вирусот.

На 25, 26 и 27 септември, во повеќе од 30 градови во Европа ќе започне годинашното дигитално издание на трката  „Race for the Cure“, на кое се очекува да се приклучат околу 500.000 учесници од целиот континент. Организацијата за борба против ракот на дојка „Борка – за секој нов ден“, во соработка со Македонски Телеком како нејзин долгогодишен партнер и соработник, ја носи трката и во Македонија, со цел да ја прошири моќната порака за поддршка на сите пациенти погодени од ракот на дојка, како и на сите оние на кои оваа болест им ги допрела животите индиректно.

Регистрирањето за трката е веќе отворено, а вие може да се приклучите преку веб-страницата www.raceforthecure.eu, која е преведена и на македонски, покрај останатите 24 јазици. При регистрирањето ќе можете да наведете личност на која ѝ го посветувате своето учество или мотив за учеството, да испратите лична порака и да прикачите фотографија или видео со поддршка на одредена личност или организација.

Пријавете го вашиот тим за прошетка од 3 км. или за трка од 5 км. и раширете ја глобалната порака! Сами одбирате како ќе се приклучите на глобалниот настан. Можете да трчате или да се прошетате каде било, низ улиците на вашиот град, на село, планина, во вашето соседство, а дури можете и да трчате во затворен простор, на трака за трчање или во теретана.  

Воедно, со ваши фотографии или видеа придружете се на иницијативата да се обојат социјалните мрежи во розово, во знак на вашата и заедничката силна поддршка на оваа кауза.

„Во Македонија се дијагностицираат 3 до 4 нови случаи на рак на дојка секој ден, а на глобално ниво секоја година се регистрираат повеќе од 2 милиони нови заболени од оваа тешка болест. Ковид пандемијата ги стави на чекање пациентите кои се борат со оваа болест и затоа сега им е потребна нашата поддршка“, порача Биба Додева, претседателка на здружението „Борка“.

Македонски Телеком, кој и сега уште еднаш ја покажува својата општествена одговорност и активно се вклучува во кампањата, и здружението „Борка – за секој нов ден“, преку мотото „Да останеме поврзани, да останеме безбедни“ ја повикуваат јавноста да се приклучи на дигиталната трка и да трча безбедно во своето соседство, на отворено или дома, за да се пренесе пораката за поддршка што пошироко и подобро.    

Translate »