Талат Џафери: Ако се укинат патните трошоци за пратениците, тогаш владините службеници да одат на работа со тротинети
Ако Владата поднесе предлог за укинување на патни трошоци, тогаш јас ќе поднесам предлог-закон да им се одземат службените возила на функционерите и нека одат на работа со тротинети, изјави вчера Талат Џафери, претседател на Собранието на Македонија.
Укинување на патничките трошоци за пратениците е предизборно ветување на СДСМ.
„Оправдано е пратениците кои не живеат во Скопје да користат превоз на државен трошок, a институциите да ги казнуваат тие што вршат злоупотреби“, вели Џафери.
Тој најави дека ќе достави предлог за укинување на патните трошоци на сите избрани и именувани функционери, вклучувајќи ги и пратениците.
Според Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, на пратеник во Собранието, претседателот, потпретседателот и членовите на Владата, им се обезбедува бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци.
„Очекувам да не добијам таков предлог од Владата, а поединечно не очекувам некој да се откаже од тоа право што е регулирано со Уставот. Ќе направиме карикатура од државата. Или ќе правиме држава или ќе си поигруваме со популистички политики кои ни носат дневни поени. Јас повикувам на разум. Овие 120 пратеници се избрани од граѓаните и треба да имаат соодветен статус, а не да се прави карикатура од нив и да се преставуваат како најголемо зло“, рече Џафери.