СЗО предупредува дека коронавирусот нема да биде последната пандемија во светот
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди дека Ковид-19 не е последната пандемија. Тој порача дека земјите мора да се подготват за идни глобални здравствени кризи за што ќе биде потребно да се вложат политички и финансиски инвестиции за спречување пандемии.
Тој на презентацијата на извештајот на Советот за следење на глобалната подготвеност (ГПМБ) за 2020 година рече дека ова нема да биде последна пандемија или последна глобална здравствена криза.
„Не знаеме каква ќе биде следната здравствена криза, но знаеме дека ќе дојде. И мора да бидеме подготвени“, нагласи тој.
Неговиот говор следи откако се потврдени повеќе од 29 милиони инфекции со коронавирус и повеќе од 924.953 смртни случаи ширум светот, според Универзитетот Џонс Хопкинс, додека скоро 19,7 милиони луѓе се опоравиле од Ковид-19.