На Венера пронајден гас што може да сугерира живот
Милиони вљубеници во вселената се израдуваа во понеделникот кога беше објавено истражување во кое се покажува дека во атмосферата на Венера има фосфин, хемиско соединение кое може да биде нуспроизвод на биолошки живот. Најсреќен за ова откритие би бил сега веќе починатиот Карл Сејган, кој мислел дека тој ден ќе стигне пред повеќе од 50 години.
Астрофизичарот е најпознат како водител на серијата „Космос“ и автор на повеќе книги. Сејган станал астроном бидејќи се инспирирал од приказни за Марс и Венера. Тој предвидел дека површината на Венера е неверојатно топла уште пред НАСА да го испрати првото летало до планетата во 1962, кое ја потврдило неговата претпоставка. Тој бил првиот научник што на пеколниот пејзаж на Венера гледал како на резултат од ефект на стаклена градина.
Фото: Wikipedia
Затоа изненадило кога Сејган учествувал во истражување во кое се претпоставувало дека еден ден ќе се најде микробиолошки живот над површината на нашата сестринска планета.
– Доколку се собрале мали количини минерали од површината во облаците, не е тешко да се замисли автохтона биологија во облаците на Венера. Условите на површината на Венера ја прават хипотезата за живот невозможна, но облаците на Венера се сосема друга приказна – напишал тој во 1967 година.
Фото: Pixabay
Потоа објаснил дека облаците на Венера на врвот се слични како оние на Земјата и таму може да постојат организми на ист начин на кој може да се најдат бактерии на некои места на Земјата што се загреани и имаат високо ниво на јаглероден диоксид, како националниот парк Јелоустоун. Додајте сончева светлина и водена пареа на јаглероден диоксид и го имате рецептот за фотосинтеза, додал тој.
По само 11 години од предвидувањето на Сејган летало на Венера открило метан во атмосферата, што може да биде знак за присуство на органски материјал. Научниците биле внимателни бидејќи не може да се докаже дека метанот е знак за живот. Метан бил пронајден и на Марс во 2018, но сè уште откритието не е објаснето. Сепак, никој не дал алтернатива за присуството на метан на Венера.
Фото: Wikipedia
Сејган починал во 1996, за време на долг непродуктивен период на НАСА во поглед на истражувањето на Венера. Но идејата сè уште постои. Во 2013 г. биле откриени над 300 вида микроорганизми што живеат во облаците над Земјата. Во 2016, модели на НАСА покажале дека на Венера некогаш имало океани и тоа во период од барем 2 милијарди години. Ова оди во прилог на теоријата на планетарниот експерт Дејвид Гринспун, кој предложил дека микроорганизмите мигрирале во облаците кога условите за живот на површината станувале премногу тешки.
На Венера биле пронајдени и докази за активни вулкани на површината, а во 2018 во истражување биле откриени „темни дамки“ на Венера за кои научниците шпекулирале дека може да бидат доказ за микробиолошки живот.
Автор: Крис Тејлор
Извор: mashable.com