СЗО изнесе најцрно корона-предвидување досега: Ќе има 2 милиони жртви
Мерките за сузбивање на пандемијата мора да се усогласат во целиот свет.
Бројот на починати од коронавирус во светот би можел да достигне два милиони пред да почне употребата на делотворна вакцина, предупредил директорот на програмата на СЗО за вонредни ситуации, Мајк Рајан.
Тој смета дека тој број би можел да биде и поголем ако не се усогласат акциите за сузбивање на пандемијата.
“Ако не направиме се што можеме, бројот од два милиони жртви не е само замислив, туку и многу веројатен”, рекол Рајан на брифинг во петок.
Во светот се регистрирани речиси милион смртни случаи, речиси девет месеци откако коронавирусот бил откриен во Кина, а Рајан рекол дека не треба да се обвинуваат младите за неодамнешниот пораст на бројот на заразени, и покрај загриженоста дека токму тие го поттикнуваат неговото ширење.