Година и пол затвор за Груевски, условна казна за Јанакиески
Кривичниот суд во Скопје денес пресуди – Една година и шест месеци затвор за поранешниот премиер Никола Груевски и условна казна од една година за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Ова е епилогот на долгогодишниот процес за „Насилство во Општина Центар“, најстарото обвинение на Специјалното јавно обвинителство во кое покрај Груевски и Јанакиески, обвинети беа уште пет лица.
Главниот нарачател на насилствата во бараките на Општина Центар во 2013-та година, експремиерот Никола Груевски доби затворска казна во траење од 1 година и шест месеци, а му се судеше во отсуство со оглед на тоа што веќе подолго време е побегнат во Будимпешта.
Второобвинетиот за организација на насилствата, Миле Јанакиески доби условна казна од една година затвор, ако во наредните 4 години направи друго кривично дело.
Останатите петмина извршители кои беа обвинети во случајот добија условни казни од 2 години, иако обвинителството за четворица од нив побара затворски казни.
Да потсетиме, случајот беше отворен поради насилствата што се случуваа на протестите на 7-ми и 10-ти јуни 2013-та година пред просториите на Општина Центар во Скопје. Според обвинителството, организатори на протестите биле ВМРО-ДПМНЕ, не за да се спречи рушење на црквата „Свети Константин и Елена“, туку да не дојде до примени на ДУП за „Мал ринг“.