ФЕТАИ: Не сакам Катица Јанева да биде тргната од таа позиција!
Некои се сомневале, некои не. Оние кои „нешто знаеле“ не ги објаснуваат причините за досегашниот молк. Другите се изненадени и разочарани, пишува Дојче Веле.
Афективнатата реакција на обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, со „плукање кон безбедносната камера и со сочна пцовка” поради наредбата на специјалната обвинителка Катица Јанева за претрес на вработените при влез и излез во СЈО, изненадувачки одекна во јавноста. Особено што токму Фетаи во гостувањето на 1 ТВ на 17-ти јуни годинава, лично застана во одбрана на Јанева.
„Како мислите да се смени Катица Јанева? Зарем таа жена од јавното обвинителство, која прва повлече нога да се направат позитивни промени во правото и правдата во Македонија, заслужува да биде сменета од челната позиција? Јас можеби и не сум толку битна, но битна е Катица Јанева која го понесе целиот товар и се соочуваше со притисоци, закани, дури беше и таа што освен за своето семејство се грижеше и за сите нас што прифативме да работиме со неа во СЈО. И реално не очекувам, и еве најотворено лично не сакам Катица Јанева да биде тргната од таа позиција“, изјави Фетаи.
При очи слепи?
Таа вчера не беше во можност да разговора за случката. Извори од СЈО велат дека афективната реакција и „пресвртот“ најверојатно се должат на фактот дека можеби немала информации за „мотивите“ за дружбата на Јанева со сега првоосмничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, со оглед дека била дел од групата обвинители кои со „голем пиетет“ дошле на роденденската прослава на 1ТВ на 30-ти март годинава.
Некои од обвинителите претпоставувале нешто
Од друга страна, нашите соговорници тврдат дека внатрешното дистанцирање на одредени обвинители од Јанева, наводно започнало уште пред неколку месеци кога се интензивирале шушкањата околу мотивите за контраверзната и интензивна комуникација на Јанева со Јовановски, неговите посети на СЈО, но и нивните чести дружби во еден угостителски објект.
„Некои од обвинителите уште во почетокот на годината беа свесни дека има некаков проблем, некои не. Не можам да тврдам дали навистина не го виделе проблемот или не сакале да видат. Дел беа убедени дека причината за таа дружба е што на Јанева ѝ годело да биде во ‘високото друштво’, иако баш и немаа аргументи да објаснат по кои основи Јовановски би требало да го третираме како некаков општествен крем“, вели извор од СЈО.
Хронологија на неискреноста
Но, ваквите осцилации во ставовите не се одлика само кај дел од обвинителите. И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ покажа огромна недоследност во третманот на оваа тема, а деновиве ја круниса со негов коментар на Фејсбук за случајот „Рекет“.
„Колку од рекетот заврши во телевизијата каде везден беседеа властодршците убедувајќи нѐ дека блескаме и нели е тоа нематеријална корист за раководството на една политичка партија, дали некој се сети да ги праша бардовите наши новинарски кои беседеа со властодршците во стилот.., да да во право сте, одлично, секоја чест, браво навистина прекрасно, овие од опозицијата, анти Нато, анти ЕУ, ма катастрофа, Мицко бил ваков бил таков, обична марионета, како и колку се вистинити бројките во книгите на телевизијата за нивните месечни примања или има нешто можеби од медот, или па можеби ги праша некој вработените таму дали и како издржуваат со 12.000 денари плата во месецот (на минималец пријавени)”, напиша Мицкоски.
Кога беше искрен Христијан Мицкоски?
Сите овие прашања на Мицкоски ќе беа искрени, ако тој одбиеше да „беседи“ на таа телевизија заради наведените причини. Но, тој даваше интервјуа за неа, а во време на јавно изразените сомнежи на ВМРО-ДПМНЕ за конекциите меѓу телевизијата и шефицата на СЈО, тој отиде и чекор понатаму. Имено, Мицкоски на 30-ти март годинава испрати видео честитка за првиот роденден на 1ТВ, во која немаше никакви забелешки за објективноста на новинарите, туку напротив – им порача „таа и натаму да ги краси”.
„Во неколку наврати сум гостувал во вашата телевизија, сум имал исклучително квалитетни интервјуа со новинарите кои ме интервјуирале. Очекувам објективноста да ве краси и во периодот којшто следи. Ви посакувам многу успешни години на професионален план, деловен, но и на личен план, се разбира, сите вие коишто припаѓате на 1ТВ и затоа сосема на крај би сакал на сите вас да ви го честитам првиот роденден. Нека ви е среќен првиот роденден, 1ТВ“, порача Мицкоски во честитката.
А ваквата честитка уследи само две недели откако Мицкоски на 13 март изнесе сомнеж за криминална конекција меѓу шефицата на СЈО и 1ТВ.
„Јас имам индиции и дека близок роднина на специјалната јавна обвинителка е дел од менаџментот на една телевизија и дека се користи нејзината позиција во комуникација со потенцијални спонзори на таа телевизија“, обвини Мицкоски.
Две недели претходно (27-ми февруари) гостувањето на Мицкоски на 1 ТВ заврши со реакции од новинарски здруженија за непрофесионално однесување на водителот, но и од АВМУ дека „новинарот (на 1 ТВ – н.з) ги прекршува начелата за почитување на достоинството на личноста, за презумпција на невиноста и за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги”.
По ова отворено останува и прашањето: кога Мицкоски беше искрен? Зошто гостувал на „нообјективна” ТВ? Зошто никогаш не побарал и не објавил официјални информации за начинот на кој се плаќани новинарите од 1ТВ, наместо да вели оти „слуша информации дека некои медиуми новинарите ги плаќале на рака”. И зошто никогаш не го реалзираше она што го најави и во интервјуто на ТВ „Сител“ на 13 март?
„Ќе бараме Комисија составена од членови на политички партии да направи комплетна ревизија на работењето на СЈО“, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ „има сериозни индиции дека во СЈО не се работело по закон“.
Дали „грижата“ била толку голема што се чекало балонот сам да се надуе?
ЗНМ ја осуди изјавата на Мицкоски на Фејсбук
ЗНМ со осуда
Откако ваквите прашања со месеци беа оставени отворени, колку да се тркалаат за политички пресметки, а не за заштита на правдата и во интерес на фактите, вчера се огласи Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со осуда на објавата на Мицкоски на Фејсбук
„Го потсетуваме Мицкоски дека работата на медиумите и новинарите ја оценува јавноста и професионалните здруженија и таквите паушални оценки, особено од високи политички претставници, единствено придонесуваат во намалување на довербата на јавноста во медиумите. Освен тоа, Мицкоски го нарушува принципот на презумпција на невиност земајќи предвид дека овој случај е во истражна постапка, а според објавите во медиумите нема индиции за вмешаност на новинарите од оваа телевизија“, истакнуваат од ЗНМ.
Од ЗНМ апелираа до лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и до останатите политичари да престанат со ширење на квалификации за новинарите бидејќи, како што велат, тоа не е во духот на европските вредности и на долг рок може да предизвика само негативни последици во слободата на изразувањето. ЗНМ најави дека ќе ја извести меѓународната заедница за овој тренд на водење на црни кампањи кон новинарите од страна на политичарите, бидејќи доколку дојде до посериозен напад врз некој од новинарите главниот дел од одговорноста ќе ја имаат токму тие.