Македонски Телеком ќе користи обновливи извори на енергија за своите дата центри
Македонски Телеком постави сопствен систем за производство на енергија од сончево зрачење на најголемиот дата центар во Скопје. Системот се состои од 148 соларни панели и инвертор на површина од 300 m² на покривот на ТК објектот во центарот на Скопје и годишно ќе произведува повеќе од 80 илјади kWh зелена електрична енергија за сопствени потреби.
Со овој систем, штетната емисија на CO2 во воздухот ќе се намалува за речиси 50 илјади кг. секоја година. Како за споредба, доколку оваа количина електричната енергија се произведува во термоцентрала, ќе бидат потребни околу 2.000 дрвја за да ги апсорбираат штетните емисии на CO2 од воздухот.
Се планира, во иднина продукциските дата центри во државата да се напојуваат од обновливи извори на енергија, со што Македонски Телеком, како една од најголемите компании, директно ќе влијае на намалување на емисијата на штетни гасови. Ваквите инвестиции ќе имаат позитивно влијание врз креирање зелена средина во урбаните места.
Во остварување на стратегијата за грижа за животната средина, компанијата активно ги вклучува и своите вработени. Иницијативата за сопствен соларен систем на дата центрите, кои се големи потрошувачи на електрична енергија, доаѓа од тим вработени во различни области, како одговор на потребата за поефикасно управување со енергијата во објектите на компанијата.
Македонски Телеком влијае на заштитата на животната средина и преку инвестирање во:
иновативни мрежни технологии, решенија за паметен град, Cloud и ICT решенија, оптимизација на возните паркови, како и заеднички иницијативи со надлежните за намалување на загадувањето на воздухот.
Со инвестирање во вакви проекти, компанијата активно влијае на заштита на животната средина и е поблиску до целта на Дојче Телеком Групацијата да ги намали штетните емисии на CO2 за 90 проценти до 2030 година.