Театарската уметност како предмет во образовниот систем-Игор Ивковиќ театарски режисер и едукатор во „Од игра до претстава“
Истакнати театарски дејци во изминативе десетина години се залагаат за воведување на часови по театарска едукација како задолжителен предмет во образовниот систем во нашата земја.
За режисерот Игор Ивковиќ „Играта како метод во театарската пракса и едукација” е темата со која тој се занимава подолго време.
Низ годините на професионалната кариера на Ивковиќ се развива во правец на создавање театарски претстави за деца. Од 2014 година тој е вработен во Н.У. “
„Театар за деца и младинци“ и неговата претставата „Мачорот во чизми“ пред пандемијата беше вистински хит на репертоарот на театарот.
Децата се неговиот фокус за работа затоа што смета дека влијанието кое може театарот да го создаде на таа возраст е траен капитал кој што го носи секоја индивидуа.
-Она за што се залагам како театарски работник веќе девет години преку училиштето „Од игра до претстава“ се залагам е театарското образование уште од основното училиште, па дури и во предучилишната. Тоа е неопходно од причина што низ таканаречените театарски игри кои се методолошки конципирани се работи на поттикнување на креативноста, на унапредување на социолошките вештини, психолошкиот развојот на детето – истакнува режисерот Ивковиќ.
Според него поттикнувајќи ја креативноста, се јакне духот за тимската работа. Сите оние таканаречени „проблеми“ и „конфликтни“ ситуации во градење на една наративна структура коишто децата ги анализираат на часовите по драма, се исклучително полезни за едукација, воспитување и развој на младата личност. Низ вежбите децата се упатени едни на други, работат заедно, наоѓаат заеднички решенија што се толерантни и во духот на современото денешно живеење.
Методот на игра, во театарската едукација помага учениците да ја надминат својата интровертност, да ги надминат своите лични стравови, а им помага и во развојот на говорните вештини – упатува Ивковиќ.
-Правоговорот и правилната употреба на македонскиот јазик е една од главните одлики на нашето училиште. Покрај мене како предавач тука се и други наши истакнати театарски работници како актерката Ирена Илиевска и други наши колеги со кои соработуваме и на часовите по драма. Особено внимание посветуваме на правоговорот, дикцијата, на развојот на говорниот апарат кај нашите ученици затоа што не само во актерската професија да се зборува правилно и да се има јасна и течна мисла е одлика на луѓе кои постојано работат на личниот развој.
Многу важна придобивка од едукацијата на часовите во училиштето за театар – „Од игра до претстава“ е поттикнувањето на децата да размислуваат, да знаат како да состават реченица, како да се изразат, да влезат во дебата, да разговараат за проблем, работиме и на развојот на креативноста и креативното пишување.
Децата доаѓаат во училиштето за театар со желба еден ден да станат актери, но во текот на часовите и запознавањето на другите театарски формати се зголемува нивната желба за читање книги што буди љубопитност кон изучување на режија, драматургија или пак философија.
Со воведување на часовите по театарска едукација во образовниот систем придобивките би биле повеќекратни. Би се совладувала вештината на пренесување и слушање на информации, што во ова време на наплив на лажни и полупроверени информации е многу битно за градење на сопствено мислење и став, а и вештините за совладување на јавен настап и ослободување од трема – вели Ивковиќ.
Токму тоа се вештините што се учат на часовите по театар. При пренесувањето на информациите многу е значајно разговетното изговарање, правилното акцентирање, фацијалната експресија, гестикулацијата и движењето на телото. Сето тоа се комплексни техники кои се учат и практикуваат цел живот.
Но, во вакви услови на пандемија, како изгледа да се изучува театарското образование онлајн.
– Неопходен е енергетскиот контакт во живо што треба да се оствари помеѓу две единки за да може да се допре и поблиску и повеќе да се научи. Но, и на овој начин во виртуелниот простор во коишто за жал веќе година дена живееме, успеваме да ги разбудиме креативните потенцијали кај нашите ученици- вели Ивковиќ.
Театарски Практикум за јубилејниот 10-ти роденден
Годинава режисерот Иван Ивковиќ заедно со колегите од училиштето за театар -„Од игра до претстава“ јубилејниот 10-ти роденден ќе го обележат со издавање на театарски Практикум. При крај се подготовките за Практикумот во кој во форма на печатено издание ќе бидат поместени голем дел од вежбите што низ методот на игра ги практикуваат на нивните часови по театарска едукација и пракса.
Новинарка: Кристина Бетинска