ПАНТЕЛЕОН ГС понуди 330 милиони денари со што станува потенцијален сопственик на зградата на Еуростандард Банка во центарот на Скопје

Во текот на вчерашниот ден, на третата електронска лицитација за продажба на зградата на Еуростандард Банка-во стечај како потенцијален и мошне извесен иден сопственик на имотот се јави компанијата Пантелеон ГС која понуди 330 милиони денари. Оваа понуда беше избрана за најдобра во текот на вчерашната електронска лицитација.

За да се комплетира зделката, неопходна е согласност од страна на собранието на доверители. Вредно е да се напомене дека во текот на изминатите две електронски лицитации исто така компанијата Пантелеон ГС беше одбрана како најповолен понудувач, но Собранието на доверители не ја даде потребната согласност. Останува во следните денови стечајниот управник и собранието на доверители да го потврдат купопродажниот процес и имотот да добие нов сопственик.

Станува збор за деловни простории, запишани на три имотни листови: ИЛ 45301, ИЛ 103480 и ИЛ 103479 за КО Центар 1.

Имотен лист 45301 за КО Центар 1:

  • КП 11998/4 на ул. Никола Кљусев бр. 2, зграда 1, намена Б4, влез 1 – деловни простории со вкупна површина од 1.522 м2.

Имотен лист 103480за КО Центар 1:

  • КП 11998/4 на ул. Никола Кљусев бр. 2, зграда 1, намена Б4-2, влез 1 – деловни простории со вкупна површина од 1.967 м2.

Имотен лист 103479за КО Центар 1:

  • КП 11998/4 на ул. Никола Кљусев бр. 2, зграда 1, намена ГЗ – градежно земјиште со вкупна површина од 410 м2.

Вкупната проценете вредност на имотот изнесува 8.431.265 ЕУР или 520.166.894 МКД.

На вчерашната електронска аукција своите понуди ги доставиле двајца учесници, од кои за најдобра е оценета понудата од компанијата Пантелеон ГС. Единствена обврска на учесниците во електронската продажба ќе биде да овозможат присуство на вкупно 6 ангажирани лица во стечајната постапка во две простории и сместување на сервер сала во една просторија се до заклучувањето на стечајната постапка, што ќе биде регулирано со Договор.

Компанијата Пантелеон ГС е основана во 2020 година, а согласно последните достапни финансиски извештаи за 2021 година компанијата остварила приходи од 1,2 милиони ЕУР и добивка од приближно 400.000 евра. Во моментов вработува 116 лица.

Седиштето на компанијата се наоѓа во Скопје, со адреса на ул. Максим Горки 13, кат 2.

Специфичната гранка на Пантелеон ГС овозможува да нуди аутсорсинг услуги каде се нудат само умствените капацитети и компаниските пракси, на тој начин задржувајќи ги вработените во рамки на Македонија, со што и директно придонесува кон домашната економија. Дополнително, искуството кое овие луѓе го стекнуваат при работата со странски професионалци е непроценливо, бидејќи отвора нов свет на знаења кои се едноставно различни од она што го знаеме и можат да бидат од корист во идните професионални ангажмани. 

Компанијата се придржува кон мотото „Нашите луѓе се нашиот бренд“, кое ја потенцира заложбата на компанијата да биде работно место во кое вработените ќе бидат задоволни, успешни, ќе напредуваат и ќе уживаат во работата. Така, Пантелеон ГС не само што обезбедува нови и модерни физички простории за работа, низа на лични бенефити и услуги, туку се залага и финансиските пакети кои ги нуди да бидат компетитиви, па дури и натпросечни во поглед на индустријата. 

Translate »