Кој ги злоупотребува европските пари? Димова: Фалат пари, но лицата виновни за тоа добија отказ

Кривична пријава до Јавното обвинителство за злоупотреба на средства од фондовите на Европската унија од страна на Националната агенцијата за европски образовни програми поднело Министерството за образование. Ова го истакнаа од Антикорупциската комисија од каде велат дека постои предмет за злоупотреба на фондовите на Европската унија од европските програми Еразмус плус, Еуридика, Еуропас и Еурогајденс. Во постапката за истрагата на работењето покрај Министерството за образование биле вклучени и Бирото за јавна безбедност преку Секторот за економски криминал и корупција, Финансова полиција.  Оттаму велат дека овој предмет е се уште во постапка. 

„Од министерството за образование и наука, сектор за Европска унија добивме информација дека е спроведен надзор од самото матично министерство над оваа Агенција. Констатирани се пропусти односно материјална штета, така што од страна на Министерството за образование и наука е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.“, рече Нури Бајрами од Антикорупциска.

Бајрами дополнителни дека од страна на директорката на Агенцијата се склучени 107 договори кои се мешани договори и кои произлегуваат од јавни повици за анализа, за стручни соработници, но констатира дека постапките не се водени како што треба при склучување на овие договори. Ја контактиравме директорката на Националната Агенцијата Лидија Димова, која тврди дека не се работи за злоупотреби од нејзина страна, туку дека тоа е сторено од претходното раководство.

„Точно е дека е пријавен недостиг на средства во благајната на Националната агенција. Тој недостиг на средства е пријавен од Националната агенција кон МОН како национален авторитет, меѓутоа Националната агенција е таа која што прва постапи. Значи ние постапивме со тоа што лицето кое што е директно одговорно за недостаток на парите од благајната прво го отстранивме од работното место па потоа имавме кривични пријави и тоа не кон едно лице туку кон две лица.“, рече Димова.

Токму за ова во март годинава и опозициската ВМРО-ДПМНЕ директно ја обвини Лидија Димова дека таа е одговорна за незаконско трошење на европските пари.

Translate »