ДАЛИ ЗНАЕТЕ ДЕКА КАФЕТО ВЕ ПРАВИ ПОСРЕЌНИ И ПОПРОДУКТИВНИ?
Кафето е дел од работниот ден на многу луѓе исто како што е лаптопот или паметниот телефон. Пред пандемијата, кога повеќето луѓе работеа од канцеларија, кафето беше дури и заедничко искуство. Науката вели дека постојат повеќе причини зошто кафето е добро и дека може да го подобри квалитетот и на вашата работа и на вашиот живот.
-Го зголемува нивото на енергија
Сите знаеме дека кофеинот има влијание врз нивото на енергија, а кафето е еден од најчестите извори на тој посебен стимуланс. Кофеинот го блокира аденозинот, невротрансмитер што предизвикува поспаност. Се врзува за рецепторите на аденозинот, што предизвикува нервните клетки да стимулираат и да го зголемат отпуштањето на невроните. Како резултат на тоа хипофизата ослободува хормони што предизвикуваат производство на адреналин. Патем, кофеинот има дејство од околу 6 часа, што значи дека не треба да го пиете навечер ако треба да си легнете. Истиот тој невротрансмитер, аденозинот, е важен за регулирање на вашиот сон, па затоа треба да избегнувате пиење кафе по 14 и 15 часот.
-Ја подобрува функцијата на мозокот
Иако кафето нема да ве направи попаметни, сепак, ќе ви помогне да го изострите умот. Со тоа што го инхибира аденозинот ви овозможува да бидете повнимателни и пофокусирани. Истовремено, произведениот адреналин ги отвора вашите дишни патишта, овозможувајќи ви полесно да дишете. Тоа може да го зголеми кислородот во вашиот крвоток, што исто така влијае врз мозокот на позитивен начин. Резултатот е појасно размислување, полесно решавање на проблемите и побрзо донесување на одлуките. Истражувањата покажуваат дека кафето го намалува ризикот за развој на Алцхајмерова болест и други форми на деменција. Всушност, пиењето 3-5 шолји кафе на ден резултирало со намален ризик од деменција за 65 отсто.
-Ве прави помалку депресивни
Депресијата е тешка, особено сега кога луѓето се соочуваат со повеќе предизвици за време на пандемијата. Дури и пред да се соочиме со пандемијата, голем дел од луѓето во светот страдаа од депресија. Верувале или не, кафето може да помогне. Истражувањата покажуваат дека луѓето што пијат кафе имаат 20 отсто помалку шанси да станат депресивни, а 53 отсто помалку шанси да посегнат по својот живот. Една од причините е тоа што кофеинот предизвикува вашето тело да го зголеми нивото на допамин во мозокот, хемикалија што предизвикува да се чувствувате среќни. Да, кафето, барем она со кофеин, буквално може да ве направи посреќни.
-Бонус: здравствени придобивки
Има уште една работа што вреди да се спомене, а тоа е дека постојат научни истражувања кои покажуваат дека луѓето што редовно пијат кафе имаат помала веројатност да станат дијабетичари, помала веројатност да развијат Паркинсонова болест и помал ризик од рак на дебелото црево.