Кромберг и Шуберт отвора фабрика во Бунарџик, ќе произведува кабли за БМВ
Кромберг и Шуберт, еден од најголемите работодавачи во Македонија, отвора уште една фабрика, овој пат крај Скопје, превземајќи дел од производството што беше стопирано со војната во Украина поради што беше нарушен ланецот на набавки, посебно на снопови електрични кабли, за големите германски автопроизводители.
Фабриката е веќе регистрирана, а од Кромберг и Шуберт за „Фактор“ потврдуваат дека во Бунарџик ќе се произведуваат кабли за БМВ, која мораше да го намали своето производство на почетокот на војната, а сите други производители беа принудени да го сторат истото.
Прво е планирано да се закупи објект во Општина Илинден, за производството да започне побргу со инстантно вложување на 22 милиони евра за опрема и машини, а истовремено ќе се гради нова фабрика за која би биле инвестирани 39 милиони евра. Првиот погон за релокација на производството за БМВ од Украина, би започнал со работа во август или септември, а веќе има огласи за вработување кои би достигнале до 1.800. Фабриката би се градела во новата индустриска зона Скопје 3 и таму би требало да има 2.000 вработувања и производниот процес би стартувал во 2024.
Од Кромберг и Шуберт велат дека нема да има намалувања на бројот на работиници во индустриската зона Жабени.
– Нема да има намалување на бројот на вработени во Жабени, напротив. Паралелно со погоренаведените инвестиции во Скопскиот регион, ние имаме нов проект и во фабриката во Битола. Вкупната инвестиција во опрема и машини изнесува 25,7 милиони евра и планирани се околу 800 нови вработувања во наредните 2 години, велат од менаџментот на фабриката.
За евентуална поддршка за инвестиционата активност од страна на државата, од таму велат дека за тоа ќе се разговара кога времето ќе биде соодветно.
– За новата фабрика која е планирано да се гради во Бунарџик наредната година, ќе се разговара за соодветен договор за поддршка кога за тоа ќе дојде време и доколку компанијата ги исполнува законските услови, додаваат од Кромберг и Шуберт.
Речиси во сите германски возила, од Мерцедес, БМВ и Фолксваген со неговите брендови Порше или Ауди, па се до камионите на еден МАН, досега беше вградуван еден важен дел од Украина: сноп на електрични кабли.
Украина е една од земјите специјализирани за производство на такви кабли за европски автомобили. Војната таму не само што влијае на звучните имиња во автомобилскиот свет, туку се пренесува со верижна реакција на целиот спектар на добавувачи во автомобилската индустрија: нарачките мора да се откажат и возилото не може да се произведе комплетно.
извор фактор.мк