Доверителите на Еуростандард банка бараат продажба на управната зграда во центарот на Скопје

И додека со години се чека одлука од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од покренатата истрага за криминалот во затворената Еуростандард банка, доверителите очекуваат продажба на управната зграда на банката. Одлуката за продажба на зградата зависи исклучиво од ставот на Фондот за осигурување на депозити, кој е доверител со мнозински удел во одлучувањето поради големината на неговите побарувања во стечајната маса на банката, се наведува во соопштението испратено од дел од необештетените штедачи-доверители на пропаднатата Еуростандард банка.

Доверителите стравуваат дека доколку Фондот за осигурување на депозити не се согласи да се продаде управната зграда со неприфаќање на понудената цена, во тој случај, согласно законските одредби, ќе следи распределба на зградата на удели на преку 3.000 доверители, физички и правни лица.

„Тоа ќе значи и дека обидот за идна продажба на зградата ќе биде практично невозможен, додека користењето на зградата ќе биде доведено во прашање. Освен тоа, преку 3.000 доверители, вклучително и фондот, ќе наследат данок на имот, трошоци за одржување и обезбедување на зградата и други комунални трошоци. Од друга страна, управната зграда ќе продолжи да ја намалува својата вредност со текот на времето. Во таков случај, освен доверителите, во загуба ќе биде и државата со оглед на тоа што оваа зграда во строгото централно подрачје ќе продолжи да ‘изумира’, оставајќи лоша слика и за граѓаните во земјава како и за туристите кои го посетуваат главниот град“, велат необештетените штедачи-доверители.

Доверителите на Еуростандард банка се надеваат и веруваат дека Фондот за осигурување на депозити ќе донесе одлука за продажба на управната зграда на банката на престојното собрание на доверители.

„Евентуалната одлука на Фондот да се изјасни против продажба за понудената цена би го направила главен виновник за претрпената штета на сите доверители“, велат необештетените доверители на Еуростандард банка.

На следната седница на собранието на доверители главна точка на дневен ред ќе биде одлучувањето за продажба на управната зграда на Еуростандард банка. Тоа ќе биде трет и последен обид да се продаде зградата. Понудената цена од последната одржана електронска аукција изнесуваше околу 5,4 милиони евра.

На 12 август 2020 година, Народната банка (НБРМ) ја затвори банката Еуростандард АД Скопје поради, како што образложи тогаш НБРМ, неисполнување минимални законски услови за работење.

Izvor: Bankomentar.mk

Translate »