Џибони ќе биде ѕвезда на манифестацијата „Петровачка ноќ“ во организација на Туристичката организација на општина Будва на 27 август
Програмата во малото приморско место кое веќе со децении е познато по семејниот туризам, ќе започне веќе од 17 часот со детска програма на платото пред „Црвената комуна“. Креативни работилници, анимација, боење на лице и забавни танци ќе ги воведат посетителите во попладневните случувања, кои ќе продолжат со интересни спортски игри крај петровачкото пристаниште.
Од 18:45 часот планирано е дефиле на Градска музика Будва, по кое ќе следува и концерт пред „Црвената комуна“, додека на истиот простор од 20:00 часот ќе настапи и будванскиот бенд „Priganitze“.
Бројни туристи и мештани во вечерните часови ќе можат да уживаат во дегустацијата на риба, вина и повеќе видови пиво, за кои и оваа година ќе се погрижат рибарите од Клубот за спортски риболов „Ширун“.
На главната бина пред хотелот „Палас“ од 21 часот ќе настапи црногорскиот поп пејач Бојан Маровиќ, додека хрватската и регионална музичка ѕвезда Џибони со неговите хитови ќе ја израдува петровачката публика со концертот кој ќе започне во 22:30 часот.
„Петровачка ноќ“ е омилена манифестација во календарот на многу туристи, па затоа и оваа година се очекува голема посетеност на настанот, како од самиот Петровац, така и од останатите приморски места и низ целиот регион.
„Сакаме за крај на главната туристичка сезона на будванската ривиера да понудиме за посетителите нешто атрактивно и гламурозно, што нашата дестинација и го заслужува. Петровац е секогаш место каде се креираат убави спомени и веруваме дека и оваа година со богатата детска и музичка програма и квалитетната гастро понуда, ова преубаво место ќе привлече многу посетители и ќе биде добар вовед за септември, кој на уште поубав начин ќе ја истакне целата убавина на нашиот брег“, истакнаа од Туристичката организација на Општина Будва.