Интервју со Горан Трајановски, Оперативен Директор во Македонски Телеком
Без оглед на големината на една компанија, супериорната технологија, мрежи и платформи, најголемата вредност се луѓето и тоа во денешно време се појавува како еден од најголемите предизвици, како да ги доведеме и задржиме квалитетните и добри луѓе како во организацијата така и општеството.
- Со самото ваше назначување за оперативен директор во Македонски Телеком пораснаа и позитивните очекувања во секторот. Ве опишуваат како човекот кој ќе ја предводи технолошката трансформација на државата што неминовно ќе води кон подобрување на економијата. Како ја коментирате оваа констатација?
Најпрво, Ви Благодарам за убавите зборови кои прават да се чувствувам гордо, но и со голема доза на одговорност. Технолошката трансформација навистина е едно од најважните прашања со коишто се соочуваме како држава и економија. Дигитализацијата на сите полиња е новата реалност. Нови бизнис модели, трансакции, едукација, соработка, паметни градови, транспарентни и услуги со високи стандарди што создаваат нова вредност за корисниците, јасно покажуваат дека е потребен посилен фокус и ресурси во менаџирањето и водењето на овие области, особено потенцирајќи го нивниот огромен значај за целокупниот економски развој.
- По образование сте Магистер по индустриски менаџмент како и дипл инженер по електротехника и телекомуникации. Имате големо искуство во телекомуникацискиот сектор. Како би го опишале телекомуникацискиот сектор во Македонија и во кое поле очекувате дополнителен развој?
Електронските комуникации се еден од секторите каде се случуваат најбрзи, односно молневити промени. Телекомуникацискиот пазар во Македонија доживува пад последните години и тоа не е само поради конкуренцијата во рамките на Македонија. Зголемувањето на конкуренцијата и новите бизнис модели, особено пенетрацијата на глобални играчи (Facebook, Google, Viber), нè става во позиција дека и ние мораме да се менуваме. Обезбедувајќи супериорни комуникациски решенија, Македонски Телеком како една од најуспешните компании, ги постави очекувањата на корисниците на највисоко ниво, превземајќи одговорност дека ние мораме да бидеме предводници на промените. Вложувањето во изградба на супериорни мрежи, платформи и големите проекти коишто доаѓаат со дигитализацијата во државата, би требало да ја постават Македонија на европската и светската мапа, како економија со напредна инфраструктура и компетентност да развива на сопствено тло технолошки решенија за многу глобални компании, без притоа да мора да се напушта државата.
Со самото тоа би се слевале повеќе средства од други економии во нашата и би се овозможил повеќедимензионален раст во низа сектори и подобар квалитет на животот. Но најважно од се е младите да не мораат да ја напуштаат Македонија за да работат за други понапредни компании и економии, туку истото да можат да го сторат и без напуштање на Македонија.
- Дел сте и од берлинската иницијатива на западен балкан. Што таа значи?
- Берлинскиот процес значи зголемена поддршка и соработка на развиените европски економии со земјите на западен балкан, чиј дел сме и ние, а особено внимание и акцент а ставен на делот на конективноста (инфраструктурната поврзаност) од аспект на напредна телекомуникациска инфраструктура, платформи и дигитализација на целото општество како темел за поставување нова рамка на регионална соработка, создавање функционална и одржлива пазарна економија со високи стандарди на економско управување, поддршка и засилување на младинските иницијативи и соработка и општество со висока транспарентност, отчетност и вредности.
- И порано бевте дел од Македонски Телеком. Се враќате на познат терен. Со кои предизвици очекувате да се соочите?
Точно така. Долго време поминав во компанијата низ разни предизвици и добро ја познавам. Имав привилегија да работам со многу стручни, посветени и добри луѓе.
Имав можност да видам како е да си дел од голема глобална компанија со особено вреден бренд, особено истакнувајќи ги напредните технологии и современи пристапи во менаџирање.
Но, истовремено сватив дека, без оглед на големината на средствата на една компанија, супериорната технологија, мрежи и платформи, најголемата вредност се луѓето и тоа во денешно време се појавува како еден од најголемите предизвици, како да ги доведеме и задржиме квалитетните и добри луѓе како во организацијата така и општеството.
- Во јуни 2017 почнавте дополнителна модернизација на мрежата и измеривте најголема брзина на 4Г во регионот. Овие брзини се достапни за Скопје, а од наредната година и за другите градови во Република Македонија. Што тоа значи?
Ова практично значи дека Македонски Телеком има најнапредни мрежи и технологија во Република Македонија, па дури и во споредба со оператори од многу поразвиени економии. Потврда за тоа е и последната потврда и признание на меѓународната реномирана институција за мерење на квалитет на мрежа “P3”, дека Македонски Телеком ја има најдобрата и најквалитетна мрежа во Македонија.
Си поставивме цел да овозможиме техничка можност до сите корисници и домаќинства во Македонија, односно “0-немање на техничка можност”. Во моментов работиме на повеќе технологии, преку коишто би овозможиле најдобар пристап на комуникациска мрежа на секој корисник, согласно неговите барања и преференци.
- Ја воведовте SaveNet апликацијата, која обезбедува поголема безбедност на податоците. 100.000 корисници имаат оптичка брзина на мрежата. Што ново може да очекуваме од Македонски Телеком?
Посветуваме огромно внимание на нови и иновативни решенија и следствено на тоа ја прилагодуваме нашата организација и оргнизациска култура, која оди се повеќе во насока на “start-up” културата. Исто така силна страна е и фактот што сме дел од голема светска групација која што инвестира, развива и соработува со многу иноватини организации низ светот. Со самото тоа и патот на врвните светски технологии и иновации до Македонија е најбрз со Македонски Телеком.
- Во што најмногу ќе се инвестира во следните години?
Секако технологијата е срцето на нашата компанија и ние сме предодредени да инвестираме во супериорна технологија и иновации. Исто така тука посветуваме и огромен значај и на партнерствата преку коишто ја отвораме вратата на сите добри идеи и проекти.
- Која е најважната итна задача на менаџерскиот тим?
Со цел да ја водиме промената и да ја одржиме организациската репутација за иновации, мора да ја усогласиме корпоративната стратегија, културата, процесите и системите, кои треба да се подготвени да одговорат на внатрешната и надворешната средина, овозможувајќи ефективна интеракција помеѓу зрелата платформа и искуство, и големата база на клиенти наспроти иновативни технологии и услуги, отвореност кон противставени мислења и пристапи, нови идеи за бизнис модели.
Способноста и подготвеноста на нашите вработени да бидат про-активни и иновативни е критичен фактор за успех во креирањето на Македонски Телеком како иновативен лидер. Менаџерите се промотори и мотиватори за нови идеи. Тие се повикани да го поддржат креативното размислување на нивниот персонал, да ги мотивираат, да презентираат идеи и да создадат атмосфера на креативност и иновативност.
- Кои се вашите специфични цели за 2018?
-
Да создадеме позитивна атмосфера во компанијата и во општеството.
-
Да се вратиме на времињата на раст на бизнисот, но и персонален раст и развој на секој од вработените
-
Да се посветиме на обезбедување врвно корисничко искуство, поврзаност и перфектна услуга
-
Да го задржиме и надоградиме лидерството во технологијата и гигабитното општество
-
Да ја зголемиме продуктивноста во бизнисот (нови ИКТ и “Smart”решенија)
-
Дигитализација, поедноставување и забрзување на сите активности како придонес во деловните резултати и Македонската економија воопшто.
-
преземено од Бизнис Вести