Уставен суд ја одби претставката, зградата кај Мајчин дом во Аеродром ќе се гради

Уставниот суд едногласно ја одби поднесената претставка за оценување на уставноста на донесениот ДУП за градска четврт И10. Ваквиот чекор значи дека ќе нема правна пречка за продолжување на изградбата на станбената зграда кај Мајчин дом во населбата Аеродром. Уставните судии во нивното образложение посочуваат дека урбанистичкиот план е донесен во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што е причина за да не се поведе постапка за оценување на уставноста.

 

 

Од скопската општина Аеродром во денешното соопштение потенцираат дека се обврзани да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд. Со ова, велат од општината, се исцрпени сите правни механизми за да се стопира изградбата на деветкатницата кај Мајчин дом. Градоначалникот на Аеродром Златко Марин веќе нагласи дека втората можност за обесштетување на инвеститорот за да не се гради станбениот објект е неприфатлива, бидејќи ќе го доведе општинскиот буџет до комплетен крах.

 

Граѓаните од Аеродром на почетокот од октомври годинава излегоа на протести против изградбата на новата станбена зграда кај Мајчин дом, која што би означувала и уништување на зелената површина на оваа локација. Општина Аеродром се одлучи да донесе решение за привремено стопирање на изградбата во период од 15 дена, чиј рок на важност веќе истече пред неколку дена.

Translate »