Ќе го ,,растргнат,, ли повторно во Грција
Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис кој денеска ја посети Македонија во конверзацијата со Зоран Заев и во изјавата пред новинарите го користеше името на нашата земја Македонија. Ова не е прв пат Бутарис да го користи нашето уставно име, што секогаш било пречекано со бурни рекации од грчките медиуми.
Тој не се среќава прв пат со Премиерот, тие се сретнаа и во времето кога Заев ја предводеше опозицијата.
– Кај нас успешно завршија локалните избори и сигурен сум дека дел до општините ќе соработуваат со локалните власти во соседните земји, особено со Грција. Подготвен сум да дадам поддршка. Секој придонес е важен кога е во прашање соработката, локалната власт е од исклучително значење за потребите на граѓаните во двете држави – изјави Заев по средбата.
Солунскиот градоначалник рече дека на оваа куртоазна средба го информирал Заев за тоа што го договарале со Димитров уште на средбата во Солун.
– Како градоначалник не би навлегувал во политички прашања, но соработката е многу важна во понатамошните односи. Силно веруваме во соработката меѓу луѓето и тоа ќе овозможи да се рушат сите граници кои постоеле досега. Кога има проблеми тие се решаваат од дното па нагоре – рече Бутарис.
Премиерот Заев изрази сочувство за жртвите од поплавите во грчките градови.
Тој се сретна и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, со претседателот Ѓорѓе Иванов и со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.