Горан Дамјаноски и Ана Дамјаноска Поповска – во Стримформ од метал произлегуваат најубавите инсталации и производи!

Стримформ е фамилијарна компанија со основна дејност дизајн и производство на метални производи. Инсталации, полици, кровни конструкции – решетки, дизајн и изработка на настрешници, зимски тераси, урбана опрема, ентериерни елементи се само дел од производите кои може да ги произведе оваа компанија. Пионер во својата област иновативна компанија која има креирано производи кои се обележје на град Скопје, како на пример детските инсталации во градскиот парк. Горан Дамјаноски и Ана Дамјаноска Поповска се одговорните лица основачи на оваа компанија која храбро се носи со сите денешни предизвици. Која сака да воведува нови производи, да прави работи кои за сите други се невозможни. Токму тој нивен елан, креативност и визија беа повод редакцијата на радар.мк да направи краток разговор со нив.

  • Стримформ е компанија со основна дејност дизајн и производство на метални производи. За таа функција имате интелигентна ЦНЦ плазма, машина која речиси и да нема форма која не може да ја изведе. Какви се производи можете да направите?

Да, Стримформ е компанија која веќе 15 години произведува најразлични метални производи. Од старт идејата беше дека квалитетот ќе има предност во однос на квантитетот.

Во текот на годините сфативме дека е неоходно да имаме машина како што е ЦНЦ плазмата која ни овозможува полесно нашите, како и замислите на нашите соработници, архитекти и дизајнери да ги претвориме во фин производ. Во принцип, ЦНЦ плазмата овозможува компјутерско сечење на лим по даден цртеж. На тој начин ги изработивме скулптурите во Меморијалниот Центар на Холокаустот на Евреите, инсталациите во Градскиот парк и куп други инсталации и проекти.

  • Дел од производите кои ги имате создадено пред се едукативните детски инсталации се урбано обележје на град Скопје. Колку ваквите проекти ве инспирираат?

Многу! Едукативните детски инсталации ги работевме со посебен елан. Една од причините беа токму приказните кои нивните идејни автори – архитектите сакаа да ги раскажат. Идејата беше децата покрај безбедната игра да ги слушнат и научат приказните за Штурецот и мравките, Жабецот Принц, за Октоподот Хенк, Распеаните Орли кои му помагаат на Могли, Алиса во Земјата на чудата, Волшебникот од Оз, Пинокио и сл.

  • На некој начин ги спојувате дизајнот и функционалноста, имплементирајќи ги во одредени креативни решенија. Дали металот како материјал Ве ограничува, или пак претставува дополнителен предизвик за работа.

Секој проект има одреден предизвик, а пак секој предизвик овозможува раст во искуството и знаењето. Во тоа е убавината во сè, па и во на нашата работа. Металот е одличен сојузник доколку се познава добро.

  • Дали би издвоиле некое решение кое посебно ве исполнило, и со кое се гордеете?

Се гордееме со секој добро завршен проект. Кога ги изработувавме скулптурите во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија и кога постепено замислата на дизајнерите стануваше реалност, сите уживавме.

Исто беше и со едукативните инсталации во градов, што ги спомнавме погоре.

Полицата за „ВВ Тиквеш” беше таа која ја гледавме скоро во секој маркет и на секоја следна средба ни мамеше насмевка. Стетоскопот како држач за велосипеди како и Блуз полицата ни се исто при срце.

  • Соработувате со повеќе архитектонски студија. Како оди еден креативен процес, кои се фази ги поминувате.

Архитектите доаѓаат со нивното идејно решение. Разработуваме како тоа може технички да се изведе и гледаме притоа да не се промени првичната идеја, или ако тие сметаат дека може, ја менуваме заедно. Потоа следи изработката до финален производ.

Кога работиме сами процесот е малку поинаков. Дизајнот произлегува од спојот на функцијата и изработката, со приказната која во тој случај, ние сакаме да ја раскажеме.

  • За крај, колку една инсталација има моќ да пренесе општествено корисна порака?

Сè што секој од нас прави како индивидуа пренесесува одредена општествена порака. Дали ќе биде корисна или не, решаваме самите ние.

Таа секако може да биде погласна и да допре до многумина, ако има можност да биде видена од поголем аудиториум. Тука ги сместуваме инсталациите. Како и секаде во светот, пораките мора да бидат гласни, да едуцираат, да отворат простор за напредок, за подобро утре.

Translate »