Старт ап компаниите – двигател на економијата во услови на криза

Малите и иновативни компании може да бидат двигатели на економијата во услови на криза. 

Додека голем број компании ширум светот се затвораат и отпуштаат работници поради Корона кризата, старт ап бизнисите брзо и лесно се прилагодија на „новото нормално.“ Пандемијата не ги одмина ниту стартапите, вели за Канал 5 Симона Чаминска, координатор на Глобална недела на претприемништво во МК, но тие се лесно прилагодливи, па многу брзо успеаа да се преориентираат.

„Тоа што се помали им дава можност многу побрзо да реагираат на определени промени, и самото тоа што имаат помал број на вработени им дава поголем простор за експлоатирање на можностите и капацитетите на овие вработени. Многу е тешко тоа да се направи со компанија каде има повеќе од 100, 200 вработени од различни профили, каде самата компанија треба стратешки да одреди во која насока ќе оди, каде ќе крати…од тој аспект сметам дека на стартапите им е многу полесно да се адаптираат на кризи.“ изјави Симона Чаминска, координатор на Глобална недела на претприемништво во МК.

Во услови на криза, и македонските компании се покажаа како иновативни и подготвени да инвестираат и се развиваат, вели директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски. Па така за последниот јавен повик кој се реализираше летово, поради големиот интерес и квалитетот на понудените проекти, Фондот дури го зголеми буџетот за поддршка на фирмите.

„Бевме „присилени“ во позитивна смисла да износот на повикот кој беше определен на 1ипол милион евра, по барање на Комитетот, а врз основа на квалитет, го зголемивме за дополнителен 1 милион.“ / „Сите кои аплицираат имаа опција да се повлечат, но тоа не го видовме, на крај завршивме со 80тина компании кои се поддржаа, со износ на средства кој беше за 70% повисок од иницијално предвидениот.“ изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР

Од 16ти до 22ри месецов во 170 земји ширум светот ќе се одржува глобална недела на претприемништво, каде една од темите ќе биде како да се намалат бариерите за основање на бизнис, а ќе се дискутира и за тоа како Владите можат да придонесат со носење квалитетни политики. Поради епидемијата, настаните ќе се одвиваат он лајн.

Translate »