Формиран најголемиот трговски сојуз во светот

Петнаесет азиско-пацифички земји го формираа најголемиот трговски сојуз во светот во неделата, под покровителство на Кина и без учество на Соединетите држави, кои ги напуштија преговорите за слична асоцијација под американскиот претседател Доналд Трамп.

Потпишувањето на Сеопфатното регионално економско партнерство (РЦЕП) на состанокот во Ханој се случи три години по распадот на Транспацифичкиот трговски договор (ТТП), што ќе биде едно од најголемите наследства на владата на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Во 2017 година, на првиот ден од неговиот мандат, неговиот наследник Доналд Трамп се повлече од тој договор, кој доколку стапеше во сила ќе опфатеше скоро третина од светската трговија. RCEP сега може дополнително да го зајакне влијанието на Кина во Азија, давајќи и подобра позиција да ги обликува трговските правила во регионот.

Договорот го потпишаа 15 земји – десет членки на Унијата на југоисточните азиски нации (АСЕАН), Австралија, Кина, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.

Договорот е значаен бидејќи ривалските регионални сили Кина, Јапонија и Јужна Кореја за прв пат се дел од заедничкиот трговски договор. Индија се повлече од договорот од 2019 година.

Договорот беше потпишан виртуелно, на самитот на АСЕАН, на кој се дискутираше за напнатоста во Јужното кинеско море и плановите за економско закрепнување по пандемијата на коронавирус. Целта на договорот, за кој се преговараше повеќе од десет години, е да се намалат царините во иднина, а некои од нив ќе бидат веднаш укинати, пренесува „Ал Џезира“.

RCEP ќе покрие 30 проценти од светската економија и 2,2 милијарди потрошувачи, соопшти Виетнам, домаќинот на состанокот. Договорот стапува на сила кога ќе го ратификуваат доволен број држави во следните две години.

Translate »