Замрзнат имотот на Трифун Костовски

Замрзнат имотот на Трифун Костовски. Главниот акционер на поранешната Еуростандард банка во интернет колумна насловена „И тоа е можно…“ тврди дека по завршување на предистражната постапка што ја спроведува Јавното обвинителство, целиот негов имот е замрзнат.

„Сега посегнаа да ми го блокираат имотот, бидејќи тоа е можноста да ја водам натамошната битка за вистината. Да појаснам што тоа значи: имам имот, не смеам да го отуѓам, а сакам да го отуѓам бидејќи ми се потребни финансиски средства за водење на оваа војна. Што уште остана да ми земат? Мојот живот? Им го нудам на тацна. “ пишува Трифун Костовски, бизнисмен во својата колумна

За овие натписи побаравме став и од Обвинителството за организиран криминал и корупција, но до емитување на прилогот одговор не добивме.

Инаку Народната банка во август годинава и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните потребни услови за работа на една банка. Костовски во неколку наврати обвинуваше дека Народната банка е виновна за стечајот и тој најавуваше контра тужби.

Во меѓувреме трае стечајната постапка и обештетувањето на клиентите на банката. Над 70 милиони евра досега се вратени на штедачите преку Фондот за осигурување на депозити. Додека оние, над 700 граѓани, со заштеди над 30 илјади евра во неколку наврати организираа протести и средби со владини претставници. Бараат државата да ги обештети, а потоа тие пари Владата да ги чека од стечајната постапка.

Translate »