ФФМ со поддршка од УЕФА започнува со реконструкција и изградба на трибини на два стадиони во државата – „Чаир“ во Скопје и „Билјанини Извори“ во Охрид.
Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од УЕФА и програмата за развој, официјално доби дозвола за започнување на активности за реконструкција и изградба на трибини на два стадиони во државата – стадионот „Чаир“ во Скопје и стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.
Средствата се одобрени по претходно поднесена апликација и идејни проекти за двата стадиони од страна на Фудбалската федерација на Македонија. Овие активности се дел од проектот на ФФМ за подобрување на фудбалската инфраструктура во општините во Македонија.
Договорот за реконструкција и изградба на трибини на стадионот „Чаир“ во Скопје и стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид ги регулира меѓусебните односи при изведување на работите меѓу ФФМ, општините и УЕФА.
-Во име на Фудбалската федерација на Македонија сакам да порачам дека заедно со општините и УЕФА продолжуваме со заедничкото градење подобра иднина на македонскиот фудбал. Ова се крупни проекти од исклучително значење, но и дополнителен импулс за локалната самоуправа, се со цел да осигураме убава иднина за нашиот фудбал. Се обидуваме да помогнеме секаде и на секаков начин и се надевам дека тоа ќе го направиме според договореното и согласно нашите и принципите на УЕФА. Наша единствена цел со ваквиот тип на проекти е да овозможиме услови какви што заслужуваат тимовите, гледачите и репрезентацијата, изјави в.д. претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини.