ЗАЕВ: ДОАЃА ВРЕМЕ НА РЕД, ПРАВДА И ДИСЦИПЛИНА

Пред Владата почна централното чествување по повод Денот на независноста, 8 Септември. Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред бројните гости, претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и медиумите, истакна дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.

Денес, потенцира Заев, независноста која беше мечта на многу генерации, ја славиме слободни и отворени кон светот.

– Денот на независноста, 8 Септември 1991 година, ќе остане запамтен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската унија. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна членка на Северноатлантската алијанса, како и земја која е на пат за членство во ЕУ, подвлече премиерот.

Осврнувајќи се на изминатиот, како што рече, турбулентен период, но и на претстојните предизвици, приоритети и определби, Заев најави дека земјава ќе продолжи по патот што веќе го трасираше – граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите со европска иднина.

Борбата за правда, напомена Заев, ќе биде врвна заложба.

– Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Тоа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон, порача премиерот Заев.

Translate »