д-р. Никола Пановски: во третманот на болните од ковид да не се даваат премногу антибиотици

Микробиологот, д-р. Никола Пановски денеска повторно преку својот профил на Фејсбук апелира до надлежните, пред се до Министерството за здравство дека во третманот на болните од ковид се даваат премногу антибиотици. Порачува да се преведат протоколите за Ковид-19, а како одлични ги споменува хрватските.

Во неговата објава пишува дека сепак е избегнато труење на пациентот, бидејќи како што вели, толку многу медикаменти, ниту здрав атлета не би ги издржал.

-По непроспиена ноќ и консултација со пет колеги, кои ги почитувам, а се активни во борбата против Ковид 19, и нивниот одговор 4:1, дека треба да објавам приказ на случај на пациент, не го знам, воден од интернист и него не го знам (резултатите се со избришани имиња и ЕМБГ, ги имаат петте колеги и Министерот Филипче, не би ги објавувал оригинално, сепак) :

Пациентот е со ЦРП 1,5, леукоцити 3,5, и се друго е во нормала освен покачени д димери 850. РТГ – понагласена бронхијален цртеж долу десно.

Терапија: Панцеф, 10 дена, Сумамед 6 дена, Моксирал 10 дена, тоа од антибиотици, друго: ампули Nevaxon, Aminophyllinum, Novalgetol, Urbason, Famotidin, Clexan, се тоа да се прима два пати на ден, инфузија NaCl, и уште 3 суплементи во таблети.

Пациентот ги купил сите лекови за 7000 ден, за среќа налетал на мои совесни колеги кои го пратиле на друг интернист и избегнато е ” труење со медикаменти”. Се работи за регион во Македонија каде смртноста од Ковид е три пати повиска од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија. Како стручен за антибиотици нагласувам: сумамед се пие 3 дена, никогаш не се комбинира со моксирал, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот.
Primum non nocere – пред се не прави штета.

Порака до МЗ, ЛКМ, МЛД, Ве молам под итно преведете протоколи за Ковид 19 и објавете ги!!! Хрватските се ок. Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здр.заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија од полипрагмазија. Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Волку лекови одеднаш ни здрав атлета не би издржал.

Translate »