Бугарија во Тројниот пакт: Окупацијата на Македонија, забраната на македонскиот јазик и масакрите како дел од „заедничката историја“

Германскиот Рајх, Кралството Италија и Јапонското царство на 27-ми септември 1940-та година во Берлин го потпишаа Тројниот пакт. На 1-ви март 1941-ва година, Бугарија, која според премиерот Зоран Заев „не била фашистичка“, се приклучува на овој пакт. Ова е вистината за бугарската „администрација“ за која зборуваше премиерот Заев.

Кон средината на ноември 1940-та година, во службена посета на Берлин пристигнува бугарскиот цар Борис Трети кој со Адолф Хитлер води разговори за состојбата на југоисточна Европа и можното бугарско пристапување на Тројниот пакт. Неколку месеци подоцна, царска Бугарија и официјално влегува во сојуз со Хитлер.

На 12-ти март првите борбени единици од 12-та армија на нацистичка Германија го преминуваат Дунав од подрачјето на Романија и започнуваат да ги концентрираат силите на територијата на соседна Бугарија, нивниот најнов сојузник.

Во периодот кој следува Хитлер одлуката за спроведување на операцијата „Марита“ (напад на Грција) ја проширува и на Југославија, па Бугарија започнува со својот план за поделба и окупација на Македонија.

Конкретно, во врска со подрачјето на Македонија, Хитлер им ветил на бугарските власти дека ќе го добијат „националното обединување“ во Вардарска Македонија и Тракија. Адолф Хитлер имал големи симпатии кон Бугарите и во една прилика во 1941-ва година тој лично ги нарекол Бугарите „Балкански Пруси“.

Во документот со назив „Привремени насоки за поделба на Југославија“, од 12-ти април 1941-ва година, назначено е дека териториите населени со “македонски Бугари” ќе ѝ припаднат на Бугарија. Бугарскиот цар Борис Трети на 19-ти март 1941-ва година од Хитлер побарал Бугарите да го добијат и Охрид затоа што го сметаат за свое „национално богатство“, па лидерот на нацистичка Германија тоа со големо задоволство го одобрил.

Демаркациската линија била утврдена помеѓу врховните штабови на германската и италијанската војска, а била одобрена од Хитлер на 23-ти април 1941-ва година. Таа требала да послужи како основа за подоцнежно разграничување помеѓу Албанија и Бугарија како сојузници на Хитлер, односно да ја подели Македонија.

Ден по капитулирањето на Југославија на 18-ти април 1941-ва година, Хитлер одобри влегување на бугарската војска на подрачјето на Вардарска Македонија и Тракија. Хитлер повторно се сретнал со бугарскиот цар Борис Трети на 24-ти април 1941-ва година кога разговарале за бугарските аспирации кон грчката територија, а дотогаш бугарската 5-та армија со командант Никола Михаилов веќе ја окупираше Македонија.

Покрај воените единици, на територијата на Македонија во април и мај 1941-ва година воспоставен е бугарски систем на уредување, односно се воспоставени две управи (области) во Скопје и Битола кои биле контролирани од околу 5 илјади полицајци и службеници. Со појавата на партизанските чети, бугарските единици добиле и моторизирани и коњанички бригади кои имале задача да се борат против припадниците на македонските партизански единици кои се кренале против окупаторот.

Во цивилно-управен поглед, Вардарска Македонија е поделена на две управни области: скопска и битолска. Со одлука на бугарската влада за државјанство, било забрането луѓето да се изјаснуваат како Македонци, додека македонскиот јазик бил прогласен за дијалект на бугарскиот јазик (денес, 80 години подоцна бугарската влада и натаму тврди дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот).Младите биле систематски „превоспитувани“ преку бугарските организации „Браник, Легионери и Воини“, со задача да се всади бугарскиот национален идентитет.

Годините на окупација од страна на германските, бугарските и италијанските сили ги одбележаа низа на масакри и страдања на македонскиот народ, кои за жал, биле реалност и остануваат како непобитен факт кој никој не може да ги избрише.

На 19-ти септември 1942-ра година кај прилепското село Дабница е извршен масакр на 18 лица од страна на бугарската војска, а слични злосторства биле извршени и во селата Стровија, Гостиражни, Мокрени, Богомила, Чашка, Рудник и други.

На 16-ти јуни 1943-та година бугарската војска изврши уште еден грозоморен масакр – стрелани беа 12 младинци од селото Ваташа, обвинети за помагање на партизаните. Најмладиот од стреланите Македонци имал само 15 години, а во нивна чест великанот Славко Јаневски ја пишува познатата песна „Цветови“.https://www.youtube.com/embed/HDwwRyRiQ9g

За крај, можеби и најголемото ѕверство не само на територијата на Македонија, туку и општо во текот на целата Втора светска војна. На 2-ри февруари 1943-та година, германскиот министер Адолф Бекерле и бугарскиот министер за внатрешни работи Петар Габровски потпишуваат договор за депортација и ликвидација на околу 20 илјади Евреи од Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Тракија и српско Поморавје.

Владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија организираат систематска депортација, односно елиминирање на еврејското население од „ослободените“ територии на бугарската власт.

Translate »