Јовановиќ: Фашистичка окупација не смее да се нарекува „администрација“, тоа е како холокаустот да го наречеш „владеење“

Најстрашното е што поддржувачите на Заев, а можеби и тој самиот, не сфаќаат што беше погрешно во интервјуто,  пишува во својот Фејбук статус поранешниот светник во мистерството за финасии Бранимир Јовановиќ.

„Прво, фашистичка окупација не смее да се нарекува „администрација“. Тоа е негирање на фашизмот. Тоа е како холокаустот да го наречеш „владеење“. Просто недозволиво. Особено кога скоро секој од нас има некој во семејството кој страдал од тие окупатори. Да, ова мрачно минато не треба да нè спречи да градиме добрососедски односи со Бугарија. Да, денешните Бугари не се виновни за фашистичките злодела од пред 80 години, исто како што не се виновни ни денешните Германци или Италијанци. Но едно е да викаш дека минатото не треба да биде пречка за градење добри односи во иднината, а друго е да негираш дека мрачното минато се случило.

Второ, периодот на СФРЈ не смее да се оцрнува. СФРЈ е најсветлото нешто во историјата на македонската држава и нација. Тоа е периодот кога народот се кренал против најголемото зло во историјата на човештвото, и успеал да го победи. Тоа е периодот кога се поставени темелите на македонската државност. Тоа е периодот кога е направен невиден напредок во секој сегмент од живеењето, кога е изградено толку многу, што денешниве власти не можат ни да стигнат да оддржат. Не случајно две-третини од населението во Македонија сè уште смета дека тогаш се живеело подобро. Да, имало и негативни страни тоа време, и за тоа треба отворено да се зборува, ама да се оцрнува целото тоа време е просто недозволиво. Особено кога истовремено се ралативизира фашизмот.

Трето, Премиер на една држава не смее да има таков понизен настап, никогаш и никаде. Особено не на интервју, со таков проблематичен новинар, во таков сензитивен политички момент. Како што кажа некој, фалеше уште Заев да му ги излиже чевлите на новинарот. Заев може да си се однесува така по дома и во неговото слободно време, ама кога настапува од позиција на Премиер на држава, тој ја претставува државата, а таквиот однос е понижувачки за државата. Освен тоа, се поставува и прашањето – ако Премиерот се однесува вака на едно јавно интервју, со еден новинар, како ли се однесува зад затворени врати, со големи светски политичари?

Четврто, ваквите настапи прават огромна политичка штета. Наместо да го олеснуваат, тие го отежнуваат постигнувањето договор со Бугарија, зашто прават луѓето на договорот да гледаат како на капитулација. Се засилуваат и националистичките тенденции и идеи, и се заслабнува позицијата на власта. Расте и анти-ЕУ сентиментот во државата, кој е веќе сериозно нарушен, по ветата од Франција и Бугарија. Тоа се огромни политички штети, со далекусежни последици, кои не се коригираат така лесно.

По ова интервју, на Премиерот на му преостанува ништо друго, освен да се извини на граѓаните. Не да изрази жалење за интервјуто, туку да се извини. И да размисли добро за ситуацијата во која ја доведе државата. За стратешката поставеност на неговата политика, која три години ги игнорира домашните проблеми, фокусирајќи се целосно на надворешните прашања, кои сепак не успева да ги реши. И доколку не најде начин да ги сврти работите, да размисли за безболно и безбедно повлекување од политиката“, пишува Јовановиќ.

Translate »