Исланд е прва европска земја која ќе го забрани машкото обрежување
Исланд е на чекор од донесување закон со кој ќе се забрани машкото обрежувањето.Предлог законот кој е ставен пред парламентот предвидува казна затвор до шест години за секој кој ќе изведе процедура на обрежување, а таа да не е од медицински причини. Законот го изедначува обрежувањето кај момчињата со женското обрежување (отстранување на клиторисот кај девојчињата), што е забрането во европските земји.
Поддржувачите на овој закон укажуваат дека обрежувањето е болно и опасно по животот на момчињата бидејќи најчесто се изведува во домашни услови, нестерилно и нехигиенски. Притоа се кршат и правата на децата. Сепак за многумина се работи за контраверзен закон, кој е спротивен на религиозните слободи. Муслиманската и еврејската верска заедница сметаат дека се работи за антисламски и антисемитски закон. И покрај ваквите забелешки, јавноста на Исланд е во голема мерка за донесување на законот, кој ако биде изгласан, ќе стапи во сила во рок од неколку месеци.