Двајца здравствени работници ја загубија битката со коронавирусот: „Тешко е да се каже збогум на човек – доктор“

Здравствен дом Крушево се прости со спец. д-р Вангел Трајулески, кој почина од последици на Ковид-19.

„Тешко е да се каже збогум на човек – доктор , кој кариерата ја започна во Здравствен Дом Крушево и иако продолжи како матичен лекар сепак беше дел од нашиот колектив. Сето свое знаење, квалитет, човечност и хуманост, несебично ги даде на пациентите. Беспрекорен во својата работа не само сега во ова зло, туку и во целиот негов работен век. Се бореше за здравјето на сите пациенти давајќи максимум, но за жал не ја доби најважната битка, битката за својот живот против невидливиот непријател Ковид 19“, стои во прошталниот текст поставен на Фејсбук страницата на Здравствен дом Крушево.

„Уште една жртва доктор. Нека почива во мир нашиот колега од Крушево, д-р Вангел. Сочувство и добро здравје до семејството”, објавија од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, кои и ја потврдиле веста за смртта на докторот.

Исто така, денеска е регистрирана смртта на медицинска сестра од Битола.

Медицинска сестра на 55-годишна возраст од хируршкото одделение на Битолската клиничка болница почина од компликации предизвикани од Ковид-19. Таа е прва жртва на вирусот меѓу здравствените работници од Битола, информираат од министерството за здравство.

„Пациентката била хоспитализирана во многу тешка здравствена состојба. Подолг период била на боледување и не се заразила на работното место“, изјавиле од Министерството за здравство за „Независен весник“.

Translate »