Снежната катастрофа во Шпанија веќе однесе 4 животи: Шпанците ова не го виделе половина век!

loading...

Најмалку четири лица смртно настрадале во Шпанија, каде невремето „Филомена“ донесе невидени врнежи од снег, а во некои делови од земјата сообраќајот беше парализиран.

Војската и спасувачките служби извлекле 1.500 лица од автомобилите кои останале завеани на патиштата.

Маж и жена се удавиле во река кога истата надошла и им го ‘проголтала’ автомобилот во близина на Малага, додека на исток од земјата еден бездомник починал откако замрзнал.

Во Мадрид била пронајдена и четвртата жртва, под големите количини на снег, наведува „AP“.

За тоа време некои жители на престолнината со скии се спуштале низ прометната улица Гран Виј, додека други возеле сноуборд или си играле со снежни топки, пренесува „Ројтерс“.

Министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, ги повикал граѓаните да не излегуваат без потреба од домовите.

„Се соочуваме со најсилната бура во последните 50 години“, рекол тој.

Снегот парализирал повеќе од 650 патишта, а некои возачи биле завеани во колите од синоќа.

Мадрид го зафати најсилната снежна бура од 1971-ва година, навела метеоролошката агенција. Во шпанската престолнина паднало помеѓу 25 и 50 сантиметри снег.

Translate »