Проф д-р Методи Чепреганов: Примитивноста, инаетот и суетата се главни кочничари на прогресот во една држава!

Живеејќи во време на несигурност, во кое секојдневието ни е исполето со стрес, агресија, насилство, арогантност и примитивност, партизираност во сите области и огромна поделеност помеѓу народот, од почитуваниот професор и доктор Методи Чепреганов побаравме објаснување за тоа од што боледува македонското општество и како невронауката ги објаснува причините за се поизразената агресија и деструктивност.
“Малоумноста, интензивните психоемотивни напливи, поточно афектот, инаетот, суетата, примитивизмот и параноидниот начин на размислување, биле, се и ќе бидат главниот кочничар и уназадувач на една популација и држава. Бидејќи, невронауката покажа и докажа, дека така обоената и заробена екологија на духот во интерперсоналните односи во никој случај не води кон прогрес, туку обратно, кон регрес и заробеност во своите карактерни особини и страсти за моќ и личен бенефит. За жал, примери во нашето секојдневие има многу”, вели доктор Чепреганов.
Живеејќи во време на несигурност, во кое секојдневието ни е исполето со стрес, агресија, насилство, арогантност и примитивност, партизираност во сите области и огромна поделеност помеѓу народот, сведоци сме на распаѓање на социјалните, моралните, етичките и духовните норми и вредности, но и на многу психосоматски болести. Се поголем е бројот на лица кои во неможност да се соочат со реалноста заболуваат од разни психосоматски болести и спасот го бараат во антидепресивите и лекови за смирување.
Од почитуваниот професор и доктор Методи Чепреганов побаравме објаснување за тоа од што боледува македонското општество и како невронауката ги објаснува причините за се поизразената агресија и деструктивност.
Одговорот на прашањето од што болува македонското општество е   повеќе од комплексен и мултифакторијален, вели доктор Чепреганов, и потребна е постапност во елаборацијата на фундаментот на болувањето на едно општество, а тоа е матурацијата на една личност, зрелоста на нејзиниот психопрофил, зрелоста на психопрофилот на нацијата и колку успеала и успева таа личност (народот) да ја контролира и да управува со моќта на сопствениот деструктивен нагон, поточно колку една личност има високи норми на воспитание, со какво богатство и резервоар на знаења располага и како и на кој начин во нејзиниот психопрофил се инкорпорирани социјалните, моралните, етичките и духовните норми и она што е најбитно, кое е нивото на нејзината емоционална интелигенција.
“И прашањето и одговорот се исконски, цивилизациски, вековни, биле актуелни, се актуелни и ќе бидат актуелни. Рецепцијата на инкорпорацијата на споменатите норми на матурација на психопрофилот на една личност и на еден народ или популациона група е процес, кој траел, трае и ќе трае, а во тоа зреење основниот фундамент го чини воспитанието, образованието со инкорпорација на енормен број на психолошки параметри, државата и нејзината социо-економска и политичка состојба, начинот на живеење, исхрана, климатски услови и тн.
Агресијата, ароганцијата, суетата, инаетот, примитивниот и прост мисловен дуктус и бројни други карактерни настраности во психоархитектурата на една личност се само секојдневна клиничка манифестација во неговата екологија на духот, поточно во интерперсоналните односи во средината во која таа личност живее, твори и работи, колку е таа матурирана, или инматурирана, за да има знаење, зрелост и капацитет да разговара, да почитува, да размислува, да биде флексибилна, да биде толерантна, секогаш со желба за позитивен и разумен исход на интерконтактот, бидејќи големите мислители, вајарите на цивилизацискиот ментум порачале: не можеме да бидеме вечни, но секој друг договор и взаемно почитување е можно ако се има разбирање и желба за договор.
А еден голем кинески мислител многу одамна, во овој контекст порачал “во животот никогаш да немате за пријател, личност со хипертрофирано его, тој е полн со суета, инает и тврдоглавост, никогаш со него не можете да се разберете и договорите, бидејќи само тој знае и за се тој е најпаметен“.
Вистина која вреди да се знае и почитува во животот, потенцира Чепреганов.
Ако внимателно се прочитаат одговорите на почитуваниот професор Чепреганов, може да се најдат објаснувања за сето она кое ни се случува, за одговорноста на граѓаните, за масовната хистерија и упадот во Собранието, за емоциите и контролата над нив, за потребата од мониторинг и совети од страна, за политичката незрелост и партиската заробеност на граѓаните и државата.
Одговорите за проблемите никако не треба да ги бараме во партиската припадност и заробеност, туку во умот и матурацијата на психопрофилот на една личност, потенцира Чепреганов.
Но, за жал, вели тој, кај нас во партија се влегува само за личен интерес и тоа е основната наша трагедија, која за фундамент ја има партиската подобност, а не интелектуалната способност на еден индивидум. “Младите генерации мора и треба да се ослободат од овој општествен феномен, ако сакаат иднина на својата земја”, порачува Чепреганов.
Агресијата се чини е се поприсутна во секојдневниот живот на обичниот човек? Кои се според Вас причините за тоа?
Во секојдневната употреба, агресијата означува штетни дела   на уништување или оштетување на се што не опкружува неживо и живо под дејство на деструктивни пулзии и импулси кои го нагонат индивидумот на штетно делување. Со едно многу симплифицирано   прашање, имено, дали ирационалноста на сите недела што ги носи со себе агресијата и ароганцијата, ја чинат вродени деструктивни пулзии својствени само и единствено на човекот ?.
Денес, невронауката вели дека во поимот агресија се кријат две дијаметрално спротивни толкувања, и во овој контекст самиот збор треба да го сфатиме како “мост кој ја соединува биолошката адаптивна агресија (или уште нарекувана бенигна агресија), која нема зло во себе и човечката деструктивна агресија која е уништувачка и злобна (нарекувана малигна агресија) “.
Бенигната агресија е дефанзивна уште поточно реактивна агресија, додека малигната е офанзивна, деструктивна и свирепа, во која се инкорпорирани, за жал, специјалните човечки склоности за уништување и желба за апсолутно владеење и моќ. Оваа агресија ја   манифестираат во своето однесување и интерконтакти карактерно променети психопрофили, со его на инает и суета, со вокабулар на омраза, злоба, завист, љубомора и параноја.
Може ли да го објасните психо-социјалниот аспект на анатомијата на човечката деструктивност и агресија?
Денес, во векот на максималните технички и други достигнувања, за жал сведоци сме на невиден пораст на насилието и деструктивноста, како во национални, така и во светски размери. Вистина која не опкружува, со која стануваме и го поминуваме секојдневието, хроничен и пролонгиран стресоген фактор за секоја жива индивидуа на мајката планета Земја.
Овој фактор кој ги “раѓа” сите психосоматски страданија на милиони луѓе во светот, секако дека бара истражувања и теоретски испитувања за евентуалната масовна превенција, како би животот бил похармоничен, со благосостојба за поквалитетно живеење .
Ќе дојде време кога моќта и злото ќе бидат обожавани, кога почитувањето према доброто ќе исчезне и никој нема да се противи против неделата
Аксиом од грчката митологија
Во оваа смисла, проблемот на агресијата бил, е и останува актуелен. Напишани се бројни монографии и писанија, на сите континенти со една единствена цел за етологијата (грчки етхос, однесување, норма), односно за науката на однесувањето, за карактерот, за социјалните, моралните и етичките норми, религијата и за сите други, навистина мултифакториелни параметри и канони и догми, се со цел да се дојде до “некое похармонично друштво, однесување со почит и доверба, со поголема толеранција и флексибилност во интерперсоналните односи”.
Во сите тие дела постои една и единствена теза и толкување: агресивното однесување на човекот, кое се манифестира во починетите злочини, во меѓучовечките секојдневни односи и расправии, како и во сите други човечки дејанија во кои се присутни деструктивни и садистички однесувања, сите тие произлегуваат од еден филогенетски програмиран и вроден инстинкт кој бара растеретување и го чека поволниот момент за да дојде до израз, под услов ако личноста не е матурирана и има карактеропатски особини, без капацитет за соответна контрола.

повеќе на https://kapital.mk/prof-d-r-metodi-chepreganov-primitivnosta-inaetot-i-suetata-se-glavni-kochnichari-na-progresot-vo-edna-drzhava-2/

Translate »