Пет години затвор може да добие лицето кое го запали бугарското знаме во Вевчани?!

Полицијата го утврдува идентитетот на лицето што го запали знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани, по што ќе му поднесе пријава. За ова кривично дело е предвиден затвор од една до пет години.

– На 14.01.2021 година во 15 часот при дефилирање на василичарските маски во селото Вевчани, Струшко, лице кое било дел од василичарските маски во рака држело знаме на Република Бугарија, кое што при традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, го спуштило во запалениот оган и го запалило. Настанот е документиран и по утврдување на идентитетот на лицето против него ќе биде поднесена содветна пријава – велат од МВР за „Слободен печат“.

Ова е втор ваков инцидент за неколку месеци. Лани на 20 ноември во Гази Баба исто така беше запалено бугарското знаме и тогаш полицијата извести дека трага по лицето што го изврши кривичното дело. Од МВР не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ дали е расчистен овој случај и дали извршителот е пронајден и казнет.

Во 2014 година со измени на Кривичниот законик палењето на знамето на Македонија и на други држави е дел од кривичното дело предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, а предвидената казна е затвор од една до пет години (член 319).

Бугарија упати демарш до Министерството за надворешни работи поради запаленото знаме, а МНР и претседателот Стево Пендаровски го осудија инцидентот.

Translate »