Заев: Спомениците не се трајни добра коишто го подобруваат животот, затоа инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетика, гасификација, градинки, болници, училишта!
„Јасно е дека спомениците не се трајни добра коишто го подобруваат животот, како што се патиштата, училиштата, болниците, студентските домови, градинките, спортските објекти, функционални апарати за здравството, опрема… Продолжуваме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетика, гасификација, градинки, болници, училишта и животната средина, комунална инфраструктура како и во изградба на социјални станови”, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Капитал”.
Нагласувајќи дека минатата, 2020 година, капиталните расходи имаат 80 проценти од планираната реализација на капитални инвестиции и е подобра во однос на 2019 година кога беа реализирани 77,6 проценти од планираните капитални расходи, премиерот Заев посочи дека во Буџетот за годинава, капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 проценти повисоко во однос на планот за лани.
„Клучен капитален проект е Коридорот 8, главната артерија која и инфраструктурно ја поставува Северна Македонија како крстопат помеѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското Море. Дополнително се градат и рехабилитираат магистрални и регионални патишта на територијата на целата држава”, оцени Заев додавајќи дека во периодот до 2025 година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,2 милијарди евра.
Во однос на најавата за планиран економски раст во идниот период, Заев во интервјуто за „Капитал” вели дека покрај во инфраструктурата значително се инвестира и во човечкиот потенцијал и затоа Буџетот за 2021 е значаен придонес кон Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст, кој се состои од четири столба: економско заздравување од КОВИД-19, второ – забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, трето зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и четврто – развој на човечките ресурси и еднакви можности, преку кои ќе се обезбеди макроекономска стабилност и финансиска одржливост, заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст.
Премиерот Заев информира и за средствата насочени за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција и развој на човечки ресурси за да се обезбеди одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој и закрепнување на регионот кои ќе се обезбедат преку имплементацијата на проектите предвидени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија, а за што веќе е направена ревизија на единствената листа на проекти за да се утврди кои од нив соодветствуваат со планот на ЕУ, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за Западен Балкан во рамките на новиот инструмент за претпристапна помош наречен ИПА III.
„Досега се реализирани преку 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Република Северна Македонија. Верувам дека Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, ќе даде силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, поддршка на зелена и дигитална транзиција и поттикнување на регионална интеграција кон Европската Унија”, истакна премиерот Заев, кој додаде дека во нашата земја Владата овозможува деловно опкружување, владеење на правото, што се оценува од деловните компании, а исто така и влезот на Северна Македонија во НАТО носи забрзан раст на инвестициите, раст на економијата и намалување на невработеноста.