ВОЗАТ КОЛИ ОД 50 ИЛЈАДИ ЕВРА, А НЕ САКААТ ДА ПЛАТАТ 40 ДЕНАРИ ПАТАРИНА

Стотици илјади граѓани секојдневно транзитираат во и надвор и од Скопје. Од разни делови од земјава, доаѓаат по различни патишта..некои ја бираат најбрзата рута, други импровизираат за поевтина варијанта.

Петровец е последната наплатна рампа пред влезот на Скопје. Сепак тука не застанува секој, бидејќи самиот терен им овозможува на возачите пред рампата да се исклучат, да возат 3 километри низ населено место и повторно позади патарината да се вратат на автопат.

Режимот на сообраќај и местата за исклучок, низ годините се менувале неколкупати. Но, со секоја варијанта, последици трпеле локалните жители.

„Вози кола од 50 илјади евра, а не сака да плати 40 денари, и вози по овој пат, а таму има автопат.“, „Значи имаме проблем! Значи гледај коли камиони идат, деца доаѓаат овде по тротоарот и страдаат“ – велат локалните жители.

Дел од жителите на Петровец со писма и петиции се жалеле кај надлежните за сообраќајниот хаос во нивната околина. Откако се оглушиле, неколку пати излегоа и на улица. 

„Државата губи во секој случај, бидејќи откако е направена последната измена на наплатната рампа во Петровец, секој граѓанин во оваа држава може слободно да ја избегне и да не ја плати.“ – вели Јосиф Станковиќ, жител на Петровец.

Дел од надлжените пак, креваат раменици. Велат новиот режим го поставиле на барање на Општината, бидејќи старата опција била поопасна, поради локалното училиште во близина.

„Значи тоа е барање на Општината дирекно до ЈП Државни Патишта. Ги разгледуваат сите можности, и она што претходно го кажа директорот дека дел од од ингеренциите се и во локална самоуправа која побарала да се смени режимот поради честите сообраќајки. Значи нашата цел е во прв аспект да ги заштитиме сите животи на граѓаните, тоа е најважно затоа кога зборуваме за патна инфраструктура зборуваме прво за безбедност, а потоа за се друго. И затоа уште еднаш еве ќе се разледаат можностите, но фактот е тој, нашата цел е да ги заштитиме граѓаните а не да направиме дополнителни проблеми.“ – велат министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Градоначалникот Борче Митевски вели со секоја опција страда неговата Општина. Сепак, е оптимист дека има решение. 

„Со отворање на патот Миладиновци – Свети Николе, некаде спрема она што имаме испитано, 60 отсто од сообраќајот ќе премине на таа делница, бидејќи е многу побрз многу побезбеден пат и цела Источна Македонија ќе возат по таа делница.“ – вели Митевски.

Доколку тоа не даде резултати, градоначалникот вели може да се разгледа и една од опциите што ги предлага директорот на Македонијапат, да се постави нова рампа кај Кадино, која според Митевски може да биде поевтина, бидејќи ќе биде наменета за мештаните. А во меѓувреме, поажурна да биде полицијата.

„Тоа e само парцијално решение на проблемот, не е доволно тоа што полицијата ќе ги казнува тие возила. Полицијата ако тие се исправни и ги почитуваат прописите не може да им направи ништо“. – посочува Златко Ацевски, жител на Општина Петровец.

Полицијата засега може да го растерети само присуството на камиони и шлепери кои минуваат тука иако имаат поголема тежина од дозволеното, а такви во последниве пет месеци уловиле околу педесетина. А додека не се најде системско решение, тука ќе минуваат и тие и автомобилите, барем се дури целосно не попушти и новиот асфалт.

Translate »